Кога колегите од другите држави ќе ги погледнат буџетите на фондовите сметаат дека се многу дарежливи, но мора да се има предвид цената за изнајмување на камера во Данска, во споредба со Македонија, на пример
Пишува: Златко Ѓелески
Чувствувам потреба моите филмови да ги започнам со лик кој се буди и се препушта на животот. „Претпоследниот“ посакав да го предводи човек, којшто доаѓа од ништото, се раѓа, пристигнува во животот, вели данскиот режисер Јонас Керуп Хјорт кој гостуваше на 12. издание на „Филозофски филмски фестивал“. „Претпоследниот“ е неговото долгометражно дебитантско остварување во кое протагонистот го насочува во еден кафкијански лавиринт, небаре е марионета во театарот на апсурд, кој е во потрага по значењето на животот, а наместо тоа, талка во егзистенционален безизлез. Неговиот филм ќе биде репризиран на 8 јуни во 18.30 часот во Кинотеката.

Јонас Керуп Хјорт
Кога за првпат се јави кај Вас фасцинацијата за филмот? Кога согледавте дека ќе се занимавате со филмската уметност?
– Уште во средното училиште бев филмски љубител, но не можев да се замислам себеси дека професионално ќе се занимавам со филм. Сестра ми е актерка и таа ми посочи дека постои школа за актери, своевиден интернат за возрасни, кајшто живееш шест месеци и потоа се насочуваш на специфични предмети. Ми се допадна школата и започнав да изучувам глума. Потоа заминав за Копенхаген и почнав да се занимавам во независната театарска сцена. Секогаш кога бев на бина, подготвувајќи се за претставите, често им говорев на режисерите – што ако светлото е тука и звукот е таму, а режисерот ќе ми речеше – да, да, ќе се погрижам за тоа, а ти ќе може да си ја играш улогата?! Тогаш сфатив дека сакам да режирам и собрав храброст, ги поканив моите пријатели да глумат во моите дела.

Сцена од „Претпоследниот“
Режирав неколку театарски претстави и ми се допаѓаше што гледачите ги прифатија моите насоки. Имав слобода да си играм како сакам, но тешко ми беше кога сакав да бидам специфичен, кога требаше да нагласам нешто или да зумирам, односно да го придвижам нивното внимание, тогаш не можев да го направам тоа во театар. Па затоа зедов камера и почнав да ги снимам моите пријатели и потоа решив да одам со камера ширум светот.
Колку апсурдното гледање во месечината во „За еден месец“ беше загревање за долгиот филм, односно тест за визуелниот стил?
– Кога го работев дипломскиот филм, изучував класична нарација, кајшто имаш главен лик, кој ќе го следиш низ севкупното патешествие и девет од десет пати е точниот пристап. Меѓутоа, не сакав да следам еден лик, туку група на ликови, како општество, како стадо. Ме фрустрираше што сите ми викаа дека морам да одберам еден од групата на ликови, но јас ја донесов последната одлука да се држам до замислата за група на ликови. Точно е дека „Чекајќи го Годо“ има силен удел. Со кинематограферот дискутиравме како да работиме со темнината и дојдовме до идејата за месечината. Постои нешто што се нарекува болест од гледање во месечина, која ни послужи како будно око на небото, кое гледа во нив и ги полудува, третирајќи ја како уште еден лик во филмот.

Налик делата на Франц Кафка, протагонистот го води гледачот низ лавиринтот во „Претпоследниот“. Кога и како падна одлуката водоинсталатер да биде симбол за едно патешествие на човекот низ животот, во потрага по неговото значење?
– Чувствувам потреба моите филмови да ги започнам со лик кој се буди и се препушта на животот. „Претпоследниот“ посакав да го предводи човек, којшто доаѓа од ништото, се раѓа, пристигнува во животот. Сакав да трага по вода, која за мене во овој филм беше значењето на животот, па затоа сакав да биде водоинсталатер, кој ќе ги проверува водомерите. Затоа и сакав да прикажам сува зграда, во која нема ни капка вода.
Колку со аспектот на снимање од 1:33:1 сакавте да ја доловите клаустрофобијата, покрај бетонската зандана на продукцискиот дизајн?
– Сакавме зградата да делува како катедрала. Човекот да биде мала креатура во споредба со големиот универзум. Направивме пробни фотографии и видеоснимки и решивме да провериме во кој случај зградата изгледа највисока. Со секое стеснување на кадарот зградата изгледаше сe повисока.

Колку надреализмот и естетизацијата на баналното на филмовите на Рој Андерсон имаа удел во градењето на визуелизацијата?
– Кога го гледав неговиот филм „Песни од вториот кат“, почувствував дека сум погледнал нешто што дотогаш не сум го видел. Тоа влијаеше врз мене. Немав намера да снимам ројандерсонов филм, но тој егзистенционален минимализам и поигрувањето со хуморот, ми остави силен впечаток. Рој Андерсон си има свој универзум и работи исклучиво во тој универзум. Не е тоа мој начин на работа. Мојот нареден филм нема да биде во овој филмски универзум. Ќе има многу повеќе боја и немам намера да го повторам истиот универзум.
Користите долги кадри во кратките филмови. Што овозможува долгиот кадар да се постигне во едно дело?
– Не можеш да кажеш дека секој рез е затворање и отворање на окото. Кога ќе гледаш сцена со многу резови стануваш свесен дека гледаш филм. Сакав да го потопам протагонистот во густ сос на егзистенционализам и не сакав да му дадам можност на гледачот да трепне. Сакав гледачот да остане покрај него, во овој стадиум, во филмот. Не сакав да му оставам простор да земе воздух.
Што сакавте да доловите со фрагментираноста со мноштво ликови?
– Филмот е поделен на четири поглавја. Во првото поглавје сме родени и учиме како да чекориме и говориме во светот околу нас. Во второто поглавје за да бидеме дел од овој свет, понекогаш треба да лажеме и да навигираме во светот. Во третиот дел одлучува да приграби тоа што сака, се тепа, има секс, прави што ќе посака, берејќи ги плодовите на животот. Во последното поглавје дознава дека нема излез. Сè е безначајно и почнува да ја прифаќа судбината. Споредните ликови со кои се соочува се олицетворени чувства со кои се соочуваме во животот. Како на пример женскиот лик кој го измачува е обоен со љубомора.
Како функционира државното финансирање на филмови во Данска, имаат ли можност младите режисери да дојдат до погодни услови за снимање?
– Имаме навистина добри услови. Кога колегите од другите држави ќе ги погледнат буџетите на фондовите сметаат дека се многу дарежливи. Но, мора да се има предвид цената за изнајмување на камера во Данска, во споредба со Македонија, на пример. Можеби имаме поголема сума, но потребни ни се истите работи за снимање на филм. Пред неколку години важеше правилото откако ќе дипломирате, потребни се десет години за да го снимите својот прв долгометражен филм во Данска.

Слично е и тука – генерацијата на режисери кои ги снимаат своите дебитантски долги остварувања ги нарекуваме млади режисери, а имаат четириесетина години.
– Во институтот ги добија тие статистики и сакаа да променат нешто. Политичарите направија пресметка и сфатија дека се вложуваат толку многу пари во образование на овие кадри, кои долго време по дипломирањето не снимаат, туку живеат од социјалниот систем. Направија нова програмска шема именувана „Новиот дански екран“, нудејќи им финансиска можност на режисерите да снимат нискобуџетни филмови. Може да се образува професионална продукција, но кога ќе се доделат срествата за позициите, скоро ништо не преостануваше за да се сними филмот. Тогаш ги зголемија средствата, кои во светски рамки сè уште се нискобуџетни, но е можност за младите режисери да снимат филм. Тешкотијата е како да се разликуваат филмовите, зашто најчесто се снимаат на една локација, на рака, но се надевам дека мојот филм изгледа поразлично.
Кој е Вашиот нареден филмски предизвик и дали би продолжиле да го користите овој визуелен стил?
– Филмот што моментално го работам е многу подинамичен. „Претпоследниот“ е за човек, заглавен и зградата е неподвижна, па затоа камерата ја има истата ДНК. Следниот филм ќе биде роуд-филм. Сè уште немаме детализирано како ќе изгледа, но сметам дека ќе биде подинамичен, затоа што ќе вклучува патување.






