Џез музичарите се на маргините на општеството. Тоа мора да се смени!

Не е точно дека џезот не е комерцијална музика. Кога и да имаме концерти, имаме публика и таа реагира фантастично. Сакам да упатам апел до релевантни институции и општествено-одговорни компании да ја помогнат оваа културна елита – вели Џијан Емин на дебатата што ја одржа Здружението на џез музичари 

Како се финансираат џез проектите и џез фестивалите кај нас? Зошто тешко оди вработувањето на неопходни кадри во џез академиите? Дали веќе не е време ЗЏМ Биг бендот да се институционализира? – ова се само дел од прашањата што џез музичари, основачи на фестивали ги отворија во петокот на дебата што ја организираше Здружението на џез музичари на Македонија во Џебното кино во МКЦ. Од дебатата произлегоа многу важни заклучоци, а учесниците се согласија дека не треба да биде последна. Учествуваа: Сашо Поповски од Jazz Factory од Битола (кој беше и иницијатор на дебатата), Гоце Стевковски, претседател на ЗЏМ, Владимир Темков, Џез фестивал во Кавадарци, Тони Китановски, претставник на Џез академијата во Штип, Владан Дробицки од ПМЏ Рекордс. Тие се пожалија што на нивната покана не се одѕваа Министерството за култура, Град Скопје, Музичката академија од Скопје.

Гоце Стевковски

Стевковски ја најави темата „Џезот како алатка за културен и интелектуален просперитет на македонското општество“. Тој се наврати на шесте години од основањето на здружението, кое бележи успеси.

– Џез музичарите се маргинализирана група во нашето општество. Имаме луѓе што магистрирале на школи низ Европа и Америка и се невработени. Можностите за концертирање и бавење со музика се минимални. По иницијатива на Кирил Кузманов го направиме Биг бендот, кој веќе има сериозни резултати, а сето тоа како да останува незабележано во општеството. Министерството за култура не’ поддржува и сме благодарни, но тоа не е доволно. Фестивалот, пак, кој го правиме во чест на Светскиот ден на џезот на 30 април годинава не доби поддршка ниту од Министерството, ниту од Град Скопје. Неколку пати како асоцијација се понудивме да помогнеме во носење на одлуките, за да објасниме каква е состојбата. Нас ни требаат јасни критериуми зошто нешто е поддржано, а нешто не е – вели Стевковски.

ЗЏМ минатата година доставило официјален допис до Владата, Град скопје, сите релеватни институции со собрани потписи за поддршка од регионални и од светски еминенти имиња за институционализирање на ЗЏМ Биг бендот.

Организирањето џез фестивали е посебна приказна. Буџетите варираат многу од фестивал до фестивал, а критериумите за поделба на државниот буџет се најасни, вели Сашо Поповски. Фестивалот Jazz Factory кој постои пет години, годинава не доби ниту денар од Министерството, од за него, нејасни причини.

Сашо Поповски

– Во последниот конкурс се потрошени 16 милиони денари на проекти со името џез. Некои се џез, некои не се џез и ова е сериозна сума што се дава. Ние како уметници треба да имаме удел во одлучувањето. До лани стигнавме до 400.000 денари буџет, со што успеавме да се кренеме на регионално ниво. За годинава сакавме да ги преминеме овие граници, со имиња од Европа и пошироко. Сакам јавно да се заблагодарам на општината Битола, што се согласи да го поддржи фестивалот. Во стратегијата за култура на државата главен акцент е ставен на културната децентрализација на културата, но тоа не се гледа во реалноста, барем за оваа дејност. На џез сцената во Скопје годинава се дадени 11 милиони денари, во Куманово и Прилеп по 500.000 денари, фестивалите во другите градови – уште помалку – вели Поповски.

Тој предлага комисијата за музичко-сценска дејност во Министерството да се подели на музичка и на сценска и за џез сцената да одлучуваат музичари што добро ја знаат таа сцена. Тој даде предлог, по примерот на многу европски земји, Министерствата да ги поддржуваат фестивалите долгорочно на пет години и краткорочно – на годишно ниво.

Џијан Емин

Музичарот Џијан Емин изрази жалење што на дебатата не се појавија претставници на релевантните институции, што укажува „колку џез сцената не се сфаќа сериозно“. Тој се осврна на тоа каков и колкав пат треба секој музичар да пројде за да стигне да биде добар џез музичар, со акцент на тие што одлучиле да магистрираат низ Европа и да го пренесат знаењето дома.

– Тие се вратија во Македонија по 20 години музичко образование со надеж дека може ќе се вработат во институтуциите како Биг бендот, во некои од школите, но тоа е комплициран процес, најчесто од административни причини. За џез проекти се добиваат некакви смешни суми. Не е точно дека џезот не е комерцијална музика. Кога и да имаме концерти, публиката секогаш реагира фантастично и ја имаме. Сакам да упатам апел до релевантни институции и општествено-одговорни компании кои имаат големи буџети да ја помогнат оваа културна елита – вели Емин.

Според него, државата не издвојува мал буџет за култура, но проблем е што за живата уметност троши најмалку, а тое е тоа што го прави животот во едно општество, вели тој.

Џез фестивалот во Кавадарци постои 15 години, благодарение на пријателите на фестивалот, вели Темков. Тони Китановски е еден од нив, посочи тој.

– Фестивалот опстанува благодарение на добродушноста на музичарите и желбата да се одржи. Ако кажам за какви хонорари настапуваат музиларите, прво мене ќе ми биде срам, а верувам и на уметниците. Се надевам дека ќе се најдат начини да заживее џез музиката. Вакви дебати треба да има повеќе и се надевам дека одредени личности одговорни за финансирање ќе нè чујат – вели Темков.

Трновит е патот на џез музичарот – вели Владан Дробицки. На почетокот на кариерата или на некој фестивал сигурно треба да се почне со малку средства, но за некое време нештото треба да расте. Тој посочи дека PMJ JAzz за четири години издало 34 авторски изданија, што, според него, се малку. Тој го отвори и прашањето на тоа како се пласира таа музика, а и дека академиите треба многу повеќе да се заложат за своите студенти и да им отвораат врати и после студиите.

Ние мора да создаваме услови за настапи, за самостојни концерти. Академиите во Штип и во Скопје треба да ги искористат тие квалитетни поединци и да се создаваат подобри и подобри нови генерации, вели Стековски. Тој се осврна на проблемот со ЗЏМ Биг Бенд и можните опции како овој оркестар да стане институција – дали во рамките на националната телевија, дали во рамките на Град Скопје…

– Ние треба да си одговориме на прашањето дали нам ни треба таков оркестар? Да, јас верувам дека ни треба, затоа се трудиме. Ова е состав кој треба да им биде отворен на студентите од нашите академии. Ако државата одлучила дека ни требаат џез-академии, треба да има план и што со тој кадар – смета тој.

Владан Дробицки (лево) и Тони Китановски

Врвниот гитарист Тони Китановски, кој е декан на Џез академијата во Штип, вели дека пред неколку децении образованието било проблем за оваа област и дека дури и во Европа имало академии само во Грац и во Келн, а сега само кај нас има две. Тој стави најголем акцент на тоа кој треба да ги оценува проектите и да пресекува што е релевантно да се поддржи. Според Китановски, Здружението е највалидно и негови членови треба да одлучуваат.

– Студентите веќе не мора да одат по светот да студираат. Само Владата треба да ја поддржи сцената и да се отворат места за младите кои и завршиле надвор на престижни академии, и сега седат без работа, а се одлични музичари. За мене е многу важно и како се претставуваме и во светот и кога некој музичар настапува и е поканет на врвен фестивал, повеќе од јасно е дека државата треба да се погрижи барем за патните трошоци. Многу значи кога Курт Елинг ги пофали нашите музичари од ЗЏМ во Загреб и таму наместо да ангажираат нивен состав, го викнаа македонскиот оркестар, тоа многу кажува. За мене најголем борец за џез сцената кај нас е Оливер Белопета, кој го направи најдобриот џез фестивал во светот, според многу луѓе што ги знам и тоа со многу мали пари – вели Китановски.

На крајот на дебатата Стевковски посочи дека ЗЏМ е членка на Европската џез асоцијација. Во септември во Софија ќе се организира конференција, што ќе биде прва посериозна комуникација со членките на оваа мрежа и преиспитување на европската приказна на нашето здружение.

Сподели