Од почетоците во весникот „Вечер“, преку обидите да се остане независен и свој во ова наше општество, до целосното ослободување осознавајќи го светот, Суша нè носи на патување околу светот не за 80 дена, туку за 10 минути. Во интервјуто за Умно.мк таа ексклузивно ги објавува нејзините фотографии од Северниот Пол
Антарктикот ми ги стопи мразовите на душата. Габон, пак, ми беше она прво воодушевување надвор од дома кое нема да го заборавам никогаш. Египет ми беше фасцинантен, со целата мистерија што ја носи со себе и времето. Петра во Јордан, Ангкор Ват во Камбоџа, Арецифе и вулканската лава, кенгурите во Тасманија… По обиколката на целиот свет, невозможно е човек да остане ист, вели фотографката Јасна Суша. Последнава деценија ја живее низ морињата, обиколувајќи го светот неколкупати. Од почетоците во весникот „Вечер“ пред 22 години, преку обидите да се остане независен и свој во ова наше општество, до целосното ослободување осознавајќи го светот, Суша нè носи на патување околу светот не за 80 дена, туку за 10 минути. Во интервјуто за Умно.мк таа ексклузивно ги објавува нејзините фотографии од Северниот Пол.

Во 2000 година, само што матуриравте почна Вашата кариера како фоторепортер. Од редакцијата на „Вечер“, па неделникот „Дневник 7“ на весникот „Дневник“… Прошетајте нè накусо низ искуството како фоторепортер во македонските весници и изданија.
– Тоа беа толку убави времиња, а воопшто не бев свесна тогаш. Моето прво работно искуство започна во дневниот весник „Вечер“. И како да се случуваше вчера, се сеќавам дека првото снимање ми беше во затворот „Идризово“. Толку бев возбудена, воедно и толку исплашена, дали ќе се вратам со вистинската фотографија што ќе го илустрира текстот. Тоа беше време кога се чувствував како Алиса во земјата на чудата. Секој што работел во медиум ја знае оваа магија. Среде ноќ бев подготвена да одам да фотографирам остатоци од експлодирана бомба, сообраќајна несреќа итн. За време на конфликтот во 2001 година имав едно бесценето искуство. Работев за магазинот „Зум“ и ме испратија на првата борбена линија во село Ратае, Тетовско. Поминав 48 часа во ров и околу ровот. Ги фотографиравме тие немирни 48 часа. Тие два дена таму ми ја сменија целата перцепција за животот. Колку сме благословени ние што живееме во мир.

Јасна Суша
Тие фоторепортерски денови беа исполнети и со многу забава, смеа, кафеани. Тоа беа денови во кои добивавме дневница за да одиме да покриеме некој настан или репортажа во друг град или држава. Од репортажите никогаш нема да ги заборавам: денот поминат во Струмичко и во Моноспитовското Блато, сторијата за „Робинзон од Плачковица“, 24 часа поминати со Брзата помош во Скопје со, денес, мојата драга пријателка и нутриционист Тања Турунџиева. Во тоа време со нетрпение ги чекавме музичките фестивали и навистина беше вистинско доживување да се биде дел од нивната магија. Макфестовските денови, летните редакции во Охрид со магазинот „Свет“, папараци-приказните со нашите познати естрадни ѕвезди се потсетник за едно време кое никогаш нема да се врати и вредно ги чувам сите сеќавања и лудории од тој период во животот. Не помалку вредно е и моето искуство зад камерата во А1 телевизија. Во таа телевизија имаше нешто посебно, затоа и беше посебна.
Се обидовте да се запишете на Факултетот за драмска уметност, па еден период студиравте историја на уметност, за да дипломирате на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Сите имаат допирна точка со фотографијата, ниедна не е токму фотографија. Колку сите овие различни области Ви помогнаа да си го пронајдете „фокусот“?
– Сега ме потсетивте колку долго живеам или пак можеби колку сум храбра и колку лесно се впуштам во нови искуства без да се плашам од крајниот исход. Факултетот за драмски уметности беше мојата прва љубов. Сакав да студирам фотографија, но во тоа време не постоеше такво нешто, се обидов да се запишам на одделот за камера кој е всушност составен дел од фотографијата. Тогаш примаа по пет студенти секоја четврта година. Јас бев шестата на листа.

Сосема сум го заборавила овој дел од животот. Ви благодарам што ме потсетивте. Една година подоцна го подготвував мојот приемен испит за на Историја на уметноста. Се сеќавам, отидов во село Ратае службено да фотографирам и ги зедов книгите со себе за да се подготвам. Во ровот, потпрена на снајперска пушка „црна стрела“ – малку читав, малку срцето ќе ми пукнеше од бомбите наоколу, па фотографирав. Кога заврши испитот не можев да се најдам на листата на примени кандидати. И не знам како сфатив дека сум примена во приватна квота, па така храбро отидов и ја платив ратата за првиот семестар. Кога отидов да се запишам на студентски прашања, вработената прво се прекрсти, па рече дека такво чудо сè уште немале на факултетот. Ги викна сите колешки за да им каже дека некој што влегол меѓу првите десет на листата отишол и платил партиципација.
Тој ден се вратив во поштата во која ја уплатив сумата, ми ги вратија парите и истиот ден си купив апарат. Тоа беше мојот последен аналоген апарат за нови фотографски авантури, коj сè уште го чувам. Искрено, не се снајдов сo организацијата на Филозофскиот факултет. Решив дека не треба повеќе да се измачувам себеси беше денот кога отидов да полагам латински јазик и на крајот од испитот сфатив дека сум ја утнала групата и дека полагам јазик со студентите од француски јазик. Се разбира дека беше обележана училницата во која полагав, ама некој ја сменил без да направи известување на огласната табла. Не беше тој факултет за мене, не можев да се измачувам со организацијата таму.

Е, неколку години подоцна се запишав на Факултетот за ликовни уметности и некако убаво се вклопив во целиот систем. Завршив графика со ликовна педагогија, иако и скулптурата многу ме влечеше, и сè уште многу често ми е дел од мисловниот процес. Ме влечеа и графиката и скулптурата од фотографски аспект. Додека едното е илузија на втората димезија, во скулптурата падот на светлината врз третата димензија дава посебен пристап и анализа во фотографијата. А фокусот го задржав така што работев цело време за да си ги платам студиите. Работев со многу љубов и посветеност кон фотографијата. Се сеќавам, често одев на факултет со фотоапаратот, па знаев да излетам, да покријам некој фотографски настан, па да се вратам и да ги допечатам графиките. Слободата што ја имав на тој факултет ми овозможи да студирам и да работам. Секогаш имав поддршка од професорите кога требаше да одам да покријам некое снимање.
Кон крајот на третата година имав важен настан три дена во Варна, Бугарија. Деновите до крајот на годината се броеја на прсти, не знаев дали ќе постигнам сè. Но, со искрен пристап кон професорите, успеав. Професорот по графика, Трајче Блажески ми рече воопшто да не се грижам, да одам да сработам во Бугарија, да заработам пари за да купам материјали за на факултет, а тој ќе ми го даде клучот од ателјето преку викенд да дојдам и да сработам сè што ми останало. И така беше. Работата беше завршена на време.
Престојот во Габон, Африка, други патувања низ светов уште додека работевте во Македонија, колку овие први екскурзии надвор од Балканот Ви ги отворија хоризонтите и желбата за ова што го работите денес?
– Престојот во Габон беше прв престој надвор од границите на Балканот. Тоа беше првото воодушевување од различностите во светот. Одамна ми шеташе мислата за работа на брод, ама некако не чувствував дека сум завршила со сите започнати работи дома. Инаку, поседувам авантуристички дух во ова мое ренесансно тело.

Во Габон се враќав три пати, а веројатно ќе се вратам уште три пати. И по поминати седум континенти, Африка ми е некако најпосебна. Азија ми е исто така многу инспиративна. Имав среќа да работам на „круз“ кој започна во Саутемптон, Англија до Сингапур и назад, долг 119 ноќи. Стапнав во толку многу азиски земји, ја посетив Петра во Јордан, Ангкор Ват во Камбоџа, фотографирав замонашување на млади момчиња во Бурма, Мјанмар. Посетив раскошни пагоди во Бурма, неколку храмови посветени на Буда во Тајланд, пиев лимонада со мравки во Кочин, Индија, се капев навечер со светлечки планктони во Виетнам, и откачив на шук (пазар) во Оман. Посетив неколку храмови во Токио и јадев кобе-стек во Јапонија. Тоа е единствено место на светот каде може да го пробате тој стек од крави што ги масираат, па и стекот има посебен вкус. Кога веќе заталкав кај храната, еден специјалитет кој секогаш ќе го паметам од Габон е тиквата полнета со риба и виното од палми.
Како се случи да работите на брод? Тешко ли беше да се прилагодите на животот на вода?
– Останав без работа и не можев да видам дека нешто ќе се смени во блиска иднина. Од оваа перспектива, изгледа сум била добар визионер. Покрај мојот авантуристички дух, не се чувствував повеќе убаво во нашето неправедно општество. Не можев да се помирам дека ми требаат врски, партиски книшки за една чесна работа. Не можев да прифатам да бидам дел од еден неправеден систем. Ако тогаш мислев така и ако тогаш се чувствував лошо, не знам како би се чувствувала сега кога работите се уште похаотични. Многу тешко прифаќам неправди. Впрочем, не можам да ги прифатам воопшто. Ми создаваат немир, не можам да спијам, ме мачат. Па така, аплицирав на неколку места за работа надвор од Македонија. И си реков, што прво ќе се отвори, ќе одам. И за две недели од аплицирањето сè најдов на брод. Се отвори небото и ме испрати низ прекрасни искуства, преку работа, ред и дисциплина. Ова е хонорарна работа и можам да ја работам додека сум здрава. Поминуваме низ сериозни здравствени испитувања пред да дојдеме на брод. Малку само да е покачен холестеролот и ние сме надвор од игра. Почнав да работам на брод во 2014 година и единствено каење ми е што не почнав порано. Прекрасни осум години, односно шест, бидејќи короната забави малку.

Доколку сум на поголем брод немам проблеми со морска болест, но на помалите бродови се чувствува повеќе кога е немирно морето. Јас почнав на помал брод и имав морска болест. Еднаш завршив во болница на инјекција, бидејќи апчињата не ми помагаа. И сега сум на помал брод, ама телото ми е навикнато по толку време, а и апчињата ми делуваат. Како и секоја друга работа, така и оваа, има свои убави и помалку убави страни. Една од нив е дека се работи секој ден. Нема слободен ден, нема викенд. Влегувате на брод и работите до последиот ден од договорот. Некогаш тоа се ужасно долги работни часови, ама кога ќе влезете во ритам, ништо не може да ве запре. Кога ќе заврши договорот, имате неколку месеци одмор до следниот договор, доколку решите повторно да се вратите.

Посетувате места кои никогаш во животот не би ги посетиле. Имав невидена среќа да ги посетам сите седум континенти, шест пати во две сезони да работам на линија Валпараисо во Чиле до Буенос Аирес во Аргентина, со спуштање долу до првиот полуостров на Антарктикот. Фолкландските Острови и посетата на една од најголемите колонии на пингвини ќе ми остане секогаш во сеќавање. Алјаска со сите свои природни убавини и глечери. Канада, и од пацифичка и од атлантска страна. Норвешките фјордови, цела Азија, Австралија и Нов Зеланд, Тасманија. Една од придобивките на оваа работа е што покрај сите овие земји, посетив и тешко достапни острови, како што се јужнопацифичките острови Паго Паго, Вануату, Американска Самоа итн. Ах, Хаваи, исто така. Не знам точно колку земји сум посетила, ама знам дека има уште кои би сакала да ги посетам. Многу би сакала да ми се случи еден круз околу Африка, ама тие не се баш чести линии заради безбедноста.
Многумина го идеализираат овој начин на живот, други го потценуваат. Опишете ни едно деноноќие на крузер.
– Мислам дека повеќето го потценуваат. Тргам од најблиските околу мене, како гледаат на работата на брод, па потоа статуси кои можам да ги прочитам на социјалните мрежи на одредени луѓе, ми укажуваат на тоа дека работата на брод е потценета. И тоа е сосема океј. Многупати кога луѓето ја опишуваат политичката состојба во нашата држава, нè ставаат и нас, работниците на бродови како бројка. За жал.

Како поминува време, така сфаќам дека сум ја донела најубавата животна одлука кога сум аплицирала за оваа работна позиција. Оваа работа беше инвестиција во моето ментално и физичко здравје и мир, дружба со убави и позитивни луѓе од целиот свет. Научив многу нови работи, како од областа на фотографијата т.е. студиската фотографија, така и општо знаење што го нуди светот додека шетате. Отворање на нови видици. За да опишам едно деноноќие на брод, ќе морам да опишам неколку денови. Јас работам во одделот за фотографија и задолжена сум да ги покривам сите фотографски настани на бродот, а некогаш и надвор од бродот. Имам свое приватно студио за фотографија и таму фотографирам приватни фотосесии што ги закажуваат гостите. Имам архива полна со портрети од егзотични ликови од целиот свет. Продадов фотографии на сите континенти. И доколку би отворила свое фотографско студио во Скопје, никогаш не би ја имала клиентелата што ја имам тука, а ниту паричната моќ на муштериите. Деновите за нас, фотографите на брод, се различни. Во зависност од тоа дали е формална гала-вечер, кога гостите се облекуваат во формална гардероба, има посебна музичка и забавна програма на бродот.

Ние, пак, фотографите имаме поставено фотостудија за фотографирање на формални портрети, а јас ако имам закажани сесии, фотографирам во моето приватно студио интимни, лични, емотивни фотографии. Кога ќе заврши ноќта, накај 22 часот, прво мораме да ги расклопиме студијата, а потоа да ги обработиме сите фотографии за следниот ден, за да се достапни за продажба. Доколку е ден во кој сме се вкотвиле некаде, галеријата е затворена сè до испловување на бродот. Доколку е ден на море, галеријата е отворена и гостите можат да дојдат да нарачаат фотографии, да купат магнети, разгледници итн. Во описот на работното време ни влегуваат вежбите за безбедност на бродот, еднаш неделно.
Кои места Ви оставиле најголем впечаток и зошто? И како сиве овие патувања влијаеја на Вашето растење, духовно, човечко?
– Најнедостапните места се местата што ме маѓепсале комплетно. Антарктикот ми ги стопи мразовите на душата. Тоа е еден таков мир, еден спокој, кој ослободува од животниот грч. Тие огромни санти мраз, поголеми од самиот брод, ми покажаа колку сум мала. Како во физичка смисла, така и во временска. Кој знае какви сè информации крие таа замрзната вода. Кој знае од кога датира? Посакав да испијам едно виски со мраз од Антарктикот. Единственото прашање кое одѕвонуваше во мене, беше: „Оттука, каде ќе одиш понатаму“?

Габон, пак, ми беше она прво воодушевување надвор од дома кое нема да го заборавам никогаш. Тука се вљубив во африканската скулптура и имам голема желба да се вратам и да ѝ се посветам. Египет ми беше фасцинантен со целата мистерија што ја носи со себе и времето. Петра во Јордан, Ангкор Ват во Камбоџа. Арецифе и вулканската лава. Кенгурите во Тасманија итн. По обиколката на целиот свет, невозможно е човек да остане ист. Сето знаење што го стекнував по патот и сите искуства ме извајаа во ова што сум денес. Се победив себеси толку многу пати, во толку различни ситуации. Бев ставена пред такви животни испити – на издржливост и во физичка и во смисла на трпеливост. Кога ќе посетев некоја сиромашна земја и ќе видев нечие страдање, покрај емпатијата, чувствував длабока благодарност за сè што имам во животот. Најпрво здравјето што го имам благодарение на моите гени, а потоа таа среќна ѕвезда што сјаела кога сум се родила. Растот се случува полека, многу полека, и тој најчесто се чувствува кога ќе надминете некоја ситуација со леснотија, а ви претставувала товар во минатото. На патот од моето духовно растење како желба ми стои посета на ашрам во Индија и Тибет, па да бидам внимателна што посакувам, бидејќи желбите може да ми се остварат.
Ковид-19 Ве врати во Скопје каде поминавте година и пол. Како би го опишале тој период во родниот град?
– Не ме врати ковид-19 дома. За жал ме врати мајка ми и нејзината здравствената состојба. И тоа ме врати на неверојатно интуитивен начин. Јас не сум носталгична личност, барем не повеќе, ама имав еден глас, толку јак во себе, врескаше да се вратам дома. Се послушав себеси, дадов отказ и дојдов дома. Не поминаа ни три недели како дојдов, кога пристигна дијагнозата на мајка ми. Тоа се случува кога е човек длабоко поврзан со себе, и кога интуицијата му е водилка. Иако не беше убаво целото искуство, сепак беше бесценето тоа време на разделба со мајка ми. Болен период, ама сум бескрајно благодарна што го послушав тој глас во себе и што не се изневерив себеси. Откако почина мајка ми, на моето тело и ум им требаше одмор, па решив да останам дома некое време. И тоа беше периодот кога се случи ковид-19. Бев среќна што не бев заглавена некаде среде море, бидејќи тоа беа екстремно тешки времиња за бродската индустрија и за целиот свет.

Ковид-19 беше тежок. Филтер кој ни покажа до каде сме со човештината, хуманоста, емпатијата. Домашниот притвор на почетокот ми дојде како ашрам, ама како поминуваше времето стана неподнослив. Но, во сета таа неподносливост се појави и просветление. Се прочисти просторот од нечовечност, се исчистија некои луѓе кои веројатно повеќе не ни требале во животот. Видов на кого можам да се потпрам повторно во една тешка ситуација во животот. Видов на кого му значам, кој се грижи за мене во таа животна ситуација. Престанав да се грижам за луѓето кои не се грижеа за мене. И тоа беше вистински благослов. Ваквиот прочистен простор е многу поквалитетен. Воедно пак, се појавија некои нови ликови во мојот живот кои дадоа таква свежина и влијаеја на некои други животни одлуки. Храбро издржав две години без работа, а сепак останав независна.
Неодамна повторно се вративте на морињата. Го посетивте Северниот Пол. Кога би можеле да бирате, од сите места што сте ги посетиле, каде би пуштиле корени?
– По толку посети на Антарктикот, редно време беше да го посетам Арктикот и да го затворам тој круг. Иако сум била многу пати во арктичкиот круг, ова е моето прво стапнување на Северен Пол. Посетата на вакви места прави да се чувствувам жива. Ја посетив најсеверната населена точка на светот или најсеверната точка во Европа. Во Спитзберген живеат само 2.500 луѓе. Половина година имаат светлина, половина година живеат во комплетен мрак.

Во Свалбард живеат исклучиво здрави луѓе бидејки во текот на зимата тој дел е целосно отсечен од светот. Главен град е Лонгјиербиен, и официјално бројот на мечките е поголем од бројот на луѓето што живеат таму. Свалдбард е класифициран како пустина, само 10 отсто од територијата има вегетација. Многу интересни факти има за ова место. Како на пример фактот дека не смееш да умреш на Арктик, т.е. луѓето не можат да бидат закопани заради вечниот мраз кој не дозволува распаѓање на телото. Исто така не е дозволено пораѓање, па неколку недели пред истекот на периодот жените ги праќаат на континенталната територија на Норвешка. Ова интервју ќе го илустрирам со ексклузивни материјали од Арктикот за да ја доловам целосната слика.

Едно искуство што ќе го паметам и во следните три животи е фотографирањето на бродот пред глечерите Тунабреен и Вон Постбреен кои се спојуваат во еден. За да се изведе оваа операција, моравме да се спуштиме од нашиот кузер во чамец за спасување среде Арктик. Моравме да се облечеме во посебни костими кои евентуално ќе не заштитеа од хипотермија. Само шестмина можевме да се качиме во чамецот и јас бев една од нив. Друг чамец за спасување беше подготвен во случај нешто да ни се случи. Науката вели дека најмногу три минути може да се преживее во такви екстремно ладни води. Бевме цели со вода, камерите ни беа мокри, ја пробавме водата од Арктикот ама успеавме да ги добиеме тие воодушевувачки фотографии. Исто така успеавме да земеме дел од мразот на Арктикот и да го донесеме на бродот.

Подоцна тој ист мраз беше дел од изложба каде можеа патниците да се фотографиираат и да го допрат. А доколку би можела да бирам каде би пуштила корени, веќе одбрав и ги пуштив во потрагата на тоа каде би можела да пуштам корени. Потрагата е толку магична и немам проблем да ги зајакнувам нејзините корени.

Фотографии: Јасна Суша (приватна архива)





