Филмот „Јад“ на Кирил Ценевски, ќе биде прикажан вечерва во 18 часот на програмата на Кинотеката на Македонија, во чест на актерот Танасие Узуновиќ. Филмот од 1975 година, е според сценарио на Ценевски, а играат: Дарко Дамевски, Фабијан Шоваговиќ, Марга Потоцка, Нада Гешовска, Олег Видов, Сабина Ајрула-Тозија.
Неодамна починатиот српски актер играше во филмот на самиот почеток на својата кариера. Узуновиќ ќе остане запаметен и по улогите во филмовите од ексјугословенска продукција: Моминскиот мост, Човекот што треба да биде убиен, Лагер Ниш, Атоските градини, Собирен центар…
Крај на XI век. Охрид, Византија. Силен духовен отпор на словенското население кон византиската власт и христијанската догма, искажан преку ересот на богомилското движење и автентичната самобитност на народот. Прогони, анатеми, убиства, чуми, несреќи… вител во кој ја следиме судбината на семејството на Аврам, како вековен симбол на човековото опстојување на балканските крстопати.
Во селото на Аврам владее епидемија на големи сипаници. Сите болни ги фрлаат во вар. Аврам сè уште нема наследник, а тоа неизмерно го посакува. Ноќе, кога селаните изведуваат во шумата ритуали за изгонување на болестите и кажуваат молитви упатени кон природата, Аврам ја забележува младата и убава Далија со која посакува да има син. Правото на старешина тоа му го дозволува.
Филмот е наменет за публика над 14 години.





