„Сè што ни е заедничко“ е насловена изложбата што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Ќе бидат изложени дела од: Форензичка Архитектура, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и од Палестински музеј. Кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Изложбата е со поширок наслов – „Сè што ни е заедничко“ (Институција која дише). Поставката ги воведува теоретските и политичките основи на „борбеното дишење“ како критичен метод за дејствување и читање на воздухот како политички медиум во институционалната сфера.
– Дишењето на ист воздух не значи дека дишеме подеднакво. Останувањето без здив по правило го следи животот на маргинализираните. Франц Фанон ги опишува соништата на колонизираното тело како „мускулести соништа: соништа за акција, соништа за агресивна виталност, за ,борбено дишење’“. Во овие соништа за простор за слобода, белите дробови се инструмент и мускул, понекогаш атрофирани од токсичноста на колонијалните атмосфери, но секогаш подготвени да извлечат ненадеен здив во деколонијалните напори – велат кураторките.
Според нив, целта на проектот е да го разоткрие насилството што се правиме дека не го гледаме, во нашата околина и културни простори и неговите материјални, социјални и политички склопови.
Насловна фотографија: Арџуна Неуман и Денис Фереира да Силва, „Облаците на предците, барањата на предците“, 2023, видео





