Изложба на најдобрите модни креации од студентите на Изет Цури

Модната изложба „Музиката во модата“ ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Францускиот институт во Скопје. Ќе биде прикажана селекција на најдобрите модни креации на студентите од Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од Скопје. Изложбата ќе ја отворат амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф Ле Риголер и Изет Цури, основач на истоимениот Меѓународен институт за мода.

Изет Цури е реномиран моден дизајнер со потекло од Македонија, којшто уште како дете развил љубов кон модата. На 23 години заминува во Париз, каде што гради блескава кариера работејќи со престижни модни куќи. Соработувал со најпознатите имиња во модниот свет – Ермес, Жан Пол Готје, Тјери Муглер, Азедин Алаја, Кристијан Лакроа, Шанел, а шиел и за некои од светски познатите имиња, меѓу кои Шон Конери, Жерар Депардје и Изабела Роселини.

По успехот на европската модна сцена, Цури одлучува да се врати во Скопје и да го пренесе своето знаење на идните генерации, основајќи го Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“, каде што ги обучува идните дизајнери и ги охрабрува да се развиваат и создаваат. Изложбата ќе биде отворена до 12 декември.

Сподели