Во просториите на Europe House во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде доделена Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција 2025 за најдобра истражувачка сторија објавена во изминатата година. Наградниот фонд во секоја од седумте земји изнесува 10.000 евра – 5.000 евра прва награда, 3.000 евра и 2.000 евра за второ и трето место. Наградата ја доделуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Присутните ќе ги поздрават евроамбасадорот Михалис Рокас и претседателот на жирито за наградата, Валентин Нешовски. Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство е основана од Европската Унија во 2015 година за да ги промовира извонредните постигнувања во истражувачкото новинарство. На конкурсот можеа да се пријават истражувачки стории објавени од медиуми во нашата земја од 1 јануари до 31 декември 2024 година, во кои се обработуваат теми од слобода на изразување, владеење на право, транспарентност, злоупотреба на моќ и фундаментални права, корупција и организиран криминал.
Жирито се состои од медиумски експерти, реномирани новинари, уредници и членови на академската заедница.
Наградата е координирана од Томсон медија, а во земјава е имплементирана од ССНМ како дел од проектот „Зајакнување на квалитетното новинарство на Западен Балкан и во Турција 2“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а спроведуван од конзорциумот составен од Балканската истражувачка репортерска мрежа од БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) од Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) од Турција, Томсон медија (ТМ) од Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) и ССНМ од нашата земја, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) од Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).





