Изложба на Мирослав Масин во Офицерскиот дом во Битола

Изложба на дела од ликовниот уметник Мирослав Масин ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Офицерскиот дом во Битола. Ќе бидат изложени неговите дела од колекцијата Филевски“.

Мирослав Масин уметничката кариера ја започнува под влијание на експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Уште од најраните уметнички инспирации се следат анималните тематики, а пред се птици, кои се провлекуваат низ целиот негов опус. Тие се мотив и за последната негова голема изложба во МАНУ, 2019 година „Подобро на гранка, одошто заглавен во лифт“ пропратена со слоганот „Ќе летаат пердуви“.

Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност.

Сподели