Тој беше длабоко инспириран од грчката античка култура и самиот додека студирал во Англија на Кралскиот колеџ за уметност ми раскажуваше дека најголемиот дел од времето во Лондон го поминувал во Британскиот музеј, вели неговиот син Игор Хаџи Бошков
Додека бев во Стоби се потсетив на младоста, бидејќи кога бев мал татко ми честопати ме носеше во Грција. Пропатувавме низ цел Пелопонез, низ различни амфитеатри и музеи. Тој беше длабоко инспириран од грчката античка култура и самиот додека студирал во Англија на Кралскиот колеџ за уметност ми раскажуваше дека најголемиот дел од времето во Лондон го поминувал во Британскиот музеј. Како негов син и наследик на неговата уметност понекогаш се прашувам како тој би реагирал и дали тој би ги изложил неговите скулптури во Стоби… И тука наоѓам многу интимна врска со него, вели Игор Хаџи Бошков, син на еден од најголемите македонски современи скулптори, Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015), чии дела денеска во 18 часот ќе бидат изложени на археолошкиот локалитет Стоби, кај Градско.

Во поставката се вклучени околу 40 дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, од 1962 до 2004 година, сите во сопственост на неговото семејство. Изложбата е насловена „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски. Репрезентативните дела, благодарение на Игор Хаџи Бошков, се позајмени и директно од ателјето се пренесени на Стоби.
Иницијатор на изложбата е Спасе Перовски, и самиот скулптор, во моментот директор на археолошкиот локалитет. Тој вели дека скулптурите на Хаџи Бошков се спој помеѓу заштитеното културно добро со она современото.
– Археолозите во Стоби секојдневно работат на истражување и нивните откритија сè повеќе нè доближуваат до тоа време и наша цел е тие движни и недвижни артефакти да ги доближиме до современиот човек. Културната вредност на Стоби ја доближуваме сè повеќе до современата скулптура, а поставката на овие дела ни помага во тоа, бидејќи формата на скулптурите на Бошков се спој меѓу заштитеното културно добро со она современото – вели Перовски.
Според кураторот Јанчевски, проектот уште во самиот наслов открива специфичен однос кон културното наследство.
– Ние мораме да се однесуваме кон нашето наследство доволно добро на начин на коешто заслужува – вели тој.
Националната установа „Стоби“ најави за сите што сакаат да ја видат изложбата, а немаат приватно возило, има организиран превоз со автобус за точно 50 луѓе. Автобусот поаѓа денеска во 16 часот спроти хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во уличката каде што стојат автобусите за меѓуградско патување. Автобусот со напис „Стоби/ Изложба на Петар Хаџи Бошков“ ќе ги земе патниците и ќе ги превезе директно до локалитетот Стоби, каде во 18 часот ќе биде отворена поставката. Тргнување назад за Скопје е точно во 19.45 часот од паркингот на туристичкиот главен влез од локалитетот Стоби.
– Сите заинтересирани треба да напишат порака на страницата на Стоби со полно име и презиме. Бројот е строго ограничен на 50 патници. При влезот во автобусот неопходно е приложување на сертификат за примена вакцина за заштита од ковид-19, со вашето име и презиме. За време на патувањето до Стоби и назад за Скопје неопходно е сите патници да носат заштитна маска, почитувајќи ги пропишаните актуелни владини препораки во услови на пандемија – соопштија од Стоби.






