За жал, сите ние ја познаваме западната литература подобро од литературата на нашите соседи

Големиот романски писател Мирча Картареску утре пристига во Скопје, прв пат да се сретне со својата читателска публика во земјава. Тој е годинашниот лауреат на наградата „Прозарт“, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје. Критиката вели дека тој е голем фаворит за Нобеловата награда за литература. Картареску не ја крие радоста што ќе дојде во Македонија.

Што значи наградата „Прозарт“ за Вас?

– „Прозарт“ е реномирана меѓународна награда за литература која секој автор би бил среќен да ја добие. Јас сум навистина многу среќен што сум одбран да бидам лауреат за 2021 година и многу им се заблагодарувам на жирито и на организаторите. Тоа што ќе дојдам во Скопје за прв пат за време на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ ѝ додава голема возбуда на мојата радост. Нестрплив сум да го посетам вашиот прекрасен главен град и да ги запознаам уметниците и писателите од С.Македонија.

Колку е важно за Вас да се поврзувате со други автори, издавачи, особено во овие тешки години на вистинско преживување на сите нас?

– Јас не сум многу друштвена личност и немам широка мрежа на луѓе околу мене. Но, многумина од моите издавачи и преведувачи се мои блиски пријатели и јас им сум особено благодарен што ја шират мојата работа насекаде по светот. Токму заради тоа јас сум желен да ги научам писателите и издавачите од Македонија лично. Убеден сум дека некои од нив ќе ми станат пријатели. Исто така, ќе читам колку што можам од делата на моите колеги, современите македонски писатели, се разбира, доколку се преведени на јазиците што јас можам да ги читам – англиски и француски. Срамно е што нивните дела се толку малку преведени во мојата земја, но се надевам дека ситуацијата ќе се промени во наредните години.

Како беше да се твори во 80-тите години во Романија? Дали тоа време  комунизмот влијаеше врз пишувањето на авторите?

– Како што знаете, затоа што споделуваме многу слична историја, комунистичкиот режим во Романија од страна на Советската армија беше многу тешка препрека за нашиот народ. Најмногу во 80-тите, кога нашиот диктатор Чаушеску го покажа неговиот култ кон личноста и создаде монструозни и бесмислени зданија, нашиот народ страдаше од сите видови на кратења, од студ и глад, но најмногу – политички терор. Беше многу тешко да се биде писател во таа темна деценија. Но, многу од нашите писатели и уметници продолжија да си ја вршат должноста кон својата уметност и кон своите сограѓани, зачувувајќи ја слободата на умот што им беше потребна на сите во тоа време. Нашите групи на млади писатели беа маргинализирани и осудувани, но ние сè уште продолжувавме да пишуваме кришум. Целата наша уметничка акција беше против естаблишментот. Се обидовме да останеме нормални писатели во ненормални времиња, одбивајќи секакво соочување со моќта.

Дали ја познавате балканската литература добро?

– За жал, сите ние ја познаваме западната литература подобро од литературата на нашите соседи. Преводите од балканската литература се ретки и случајни во мојата земја. Од екс-југословенскиот простор сум патувал само во Србија и во Словенија досега, па можев да запознаам некои од нивните важни автори, како Драго Јанчар. Јас исто така патував многу во Бугарија, каде имам блиски пријатели како Георги Господинов, Иван Станков и Емил Андреев. Исто така ја познавам работата на Огњен Спахиќ од Црна Гора. Исмаил Кадаре се разбира е ѕвезда на балканската литература денес. Но, освен што сум ги прочитал делата на претходно спомнатите писатели (на некои од нив сум им помогнал да бидат објавени во Романија), не можам да кажам дека ја познавам литературата на овој дел од Европа. Има неколку македонски писатели преведени во Романија досега, што е тажна последица на нашата тенденција да гледаме кон западните писатели. Се надевам дека оваа ситуација ќе се смени во најскоро време.

Како е да се биде автор во Романија денес? Сакаат ли новите генерации да читаат?

– Па, книгата не е во центарот на културното искуство повеќе, сега живееме во медиокритетски свет со многу искушенија и можности. Интернетот, стримањето на филмовите и гејминг индустријата, заедно со социјалните мрежи, ја сменија културната сцена и длабоко го загрозија пазарот на книгите. Сега книгата изгледа како да е вишок посебно за младите генерации што ја изгубија навиката за читање. Пандемијата беше исто така ужасно време за издавачите и писателите во цел свет. Книжарниците се празни, луѓето не читаат по возовите или на плажа повеќе. Литературата сега страда од тонењето на книжевниот пазар, од исчезнувањето на литературните списанија, недостигот на литературна критика, од комерцијализацијата на срамно лоши книги поддржани од кампањи за рекламирање. Ова се тешки времиња за писателите навистина. Во малите култури како романската, писателите не можат да живеат од нивната работа. Повеќето од нив не можат да се надеваат дека ќе продадат повеќе од 1.000 копии од роман и неколку стотици од поетска книга или критика. Да бидете писател овие денови е да жртвувате сè за вашата благородна желба да донесете убавина на овој див свет. Јас не се жалам, мислам дека литературата ја заслужува оваа жртва. Но, културните институции во секоја држава треба исто така да си ја вршат својата работа: да ги заштитат писателите и да ги шират нивните дела во и надвор од националните граници.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.