Во галеријата на „Куќата на Ѓура Јакшиќ“ во Белград, вечерва во 19 часот ќе биде отворена самостојна изложба на уметникот Никола Пијанманов. Изложбата е насловена „Самрак“ и на неа ќе бидат поставени триесетина дела од најновиот опус на авторот. Книжевниот критичар и писател Далибор Плечиќ, напиша во катологот за изложбата:

– Наративот во ликовниот опус на Никола Пијанманов не може да се сведе на обичен дебатен рефлекс за уметноста и времето во кое живееме. Не може во потполност да биде сведена и на дискусија за друштвото и духовното отсуство кај новиот дигитален човек, во кој полека се преобразуваме. Ликовниот израз на овој македонски уметник, во својот подтекст успеа да ја протне суштината на нашето постоење…Неговата уметничка визија е во длабока врска со сакралните теми, но и профаните проблеми. Неговиот порив е во духовна комуникација поставена по вертикала, а неговиот израз е полн со хоризонталните прекини на стварноста… Наспроти уметноста која бара оправдувања во фрагментарните конструкции на постмодерната, со јазикот на дигиталниот свет, неговата уметност нема да бара поддршка и покритие во прагматичното и рационалното, туку во интуитивната страна на нашата природа. Таков однос кон уметноста на која времето исклучиво е ненаклонето, е чин на храброст, и покрај сé, на вера – пишува Плечиќ.
Изложбата ќе биде поставена до 15 јуни.





