„Гласна тишина“ е насловот на првата самостојна изложба на Мартина Спасовска која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Таа во своите дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт.
– Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет – пишува за изложбата Горанчо Ѓорѓиевски, историчар на уметност.
Мартина Спасовска (1997, Куманово), е млада визуелена уметница. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Изложувала на неколку групни изложби во Македонија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција.





