„Жив си Рацине“ е насловот на настанот што денеска ќе се одржи во Ликовниот салон во Велес, во чест на 115 години од раѓањето на големиот македонски поет Кочо Рацин. Општина Велес со повеќе активности ќе ја одбележи годишнината, почнувајќи во 11 часот со положување цвеќе пред споменикот на Рацин во дворот на гимназијата „Кочо Рацин“.
Во 13 часот беседа во чест на Рацин ќе одржи Иван Антоновски, а половина час подоцна, ќе биде отворена изложба на Ласко Џуровски, „Блазе, речи…“ Изложбата ќе ја промовира Ангел Коруновски.
– Добредојдени сте да се видиме, да беседиме за Рацин, да се восхитуваме на неговите стихови, да го погледнеме одблизу неговото ракопишување, да уживаме во драмски перформанс, да македонствуваме, да рацинуваме…
Ќе следува премиера на драмскиот перформанс „Жив си Рацине“.





