Изложба на дела од Стојан Апчевски, доајенот од Битола заборавен од сите

Ова е прв обид да се рехабилитира еден значаен опус кој е дел од тоа неповторливо европско творечко и културно живеење на Битола

Во Офицерскиот дом во Битола вечерва во 19 часот ќе биде отврена изложба на творештвото на Стојан Апчевски, еден од доајените на современата македонска уметност. Ќе бидат претставени дела создавани во половина век, од годините по ослободувањето до крајот на 20 век. Владо Ѓорески, во освртот кон ликовното творештво на Апчевски дава детален опис на сите негови фази.

Апчевски бил роден во 1936 година во Баница, Леринско. Доаѓа рано во Битола, бил изгонет со потполно уништено, убивано, раселено семејство. Пораснал по прифатни домови. И покрај сè успева да заврши ликовен отсек на Педагошката академија во Скопје. По дипломирањето веднаш се враќа во Битола и почнува да слика. Реализирал самостојни изложби во Битола, во Скопје, Нови Сад, Крагуевац, а учествувал на многу групни претставувања. Организирал повеќе изложби во сопствената галерија „Трон арт“ и во повеќе градови низ републиката посветени на холокаустот на Евреите. Добитник е на многу награди и признанија.

– Во почетокот неговото творештво го карактеризираат елементи на лирска апстракција: светол колорит, енергични централни композиции, хармонија на тоналитети. Подоцнежните остварувања задржуваат извесни познати елементи, но добиваат апстрактно-асоцијативен призвук, за на крај да остане доследен на драматичниот експресионизам… Тоа е сè што е останато за неговиот повеќедецениски творечки пат. Неговото авторство сериозно не е обработено, систематизирано, собрано, разгледувано – пишува Ѓорески.

Починал во 2012 година, веднаш по смртта не неговата сопруга и неколку години по смртта на неговиот син единец. Целиот негов живот е полн со загуби, смрт, исчезнување.
– Умира незабележливо, необележано, а денес, освен кај неколку семејства, градот на културата го има заборавено со невидена рамнодушност. Ова не се однесува само за него, туку речиси за сите автори кои работеле во Битола. За среќа, можеби голем број од делата, главно насликани во маслена техника на платно, се наоѓаат во сопственост на неговата внука, Паула Апчевска во Штип – вели Ѓорески.

Ова е прв обид да се рехабилитира еден значаен опус кој е дел од тоа неповторливо европско творечко и културно живеење на Битола.

Сподели