Изложба „Го сакам скопскиот кич“ во Домот на културата во Богданци

Изложбата „Го сакам скопскиот кич“ на фотографот Александар Кондев ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Александар Кондев е роден 1950 година во Скопје, каде што завршува основно и средно образование, за потоа да студира на Економскиот факултет. Со фотографија почнува да се занимава уште во школските денови, а професионално од 1970 година.
Во рамките на својата кариера како фотограф прво членува во Фото клубовите „Вардар” и Клуб „25”, а потоа работи како самостоен автор. При тоа, во текот на пет децении работа учесник е на голем број на групни и самостојни изложби во земјата и странство. За истакнување е ретроспективната изложба на неговото творештво во 2015 година во Национална галерија – објект Чифте Амам.

– Многумина сметаат дека Кундера, во неговиот роман „Неподносливата леснотија на постоењето“ (1984), ги дал можеби најуспешните референци за кичот. И тоа е веројатно точно, иако Кундера, во времето на пишувањето на спомнатиот роман, не можел ни да го претпостави „Скопје 2014“. Но, претпоставил, односно погодил многу елементи, особено оној за кичот како „естетски идеал на сите политичари и политички партии и движења“, при што најчесто тој, кичот, завршува како – „тоталитарен кич“. Кундера можел да ги согледа сите аспекти на тоталитарниот кич бидејќи го живеел тоа време во некогашна Чехословачка. Како што впрочем и ние, и Александар Кондев, го гледавме растот на нашиот локален тоталитарен кич помпезно наречен „Скопје 2014“ – помпезноста, впрочем, е една од карактеристиките на кичот – којшто бргу се здоби и со светска „слава“ – велат организаторите.

Сподели