„Климатското затоплување на Балканот: каква преобразба за градовите?“ е темата на дебатата што ја организира Францускиот институт во Скопје. Дебатата ќе се почне во 18 часот и ќе се одржи хибридно – дел во Институтот, дел онлајн (на зум). Фокусот ќе биде на средствата за јавен превоз и затоплувањето на домаќинствата.
На дебатата ќе учествуваат двајца француски експерти, Мишел Лари-Шарлис, поранешна директорка за урбанизам на градот Бордо и Жилијен Жубер од организацијата Energies Cities. Ќе им се придружат нашите експерти, д-р Никола Крстаноски, професор на Техничкиот факултет во Битола и д-р Стефан Бужаровски, професор на Универзитетот во Манчестер, кои ќе направат пресек на актуелната состојба во различни домени.
Дебатата ќе ја отворат Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје и Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во земјава. Настанот ќе се одвива со симултан превод. За следење на настанот онлајн треба да се пријавите на culture@ifs.mk.





