Петмина средношколци ќе ја претставуваат Македонија на 8. Европска олимпијада по физика што ќе се одржи од 15 до 19 јули во Кутаиси, Грузија. По селекциониот нарпревар кој Друштвото на физичарите на Македонија го организираше на Природно- математичкиот факултет во Скопје, избран е тимот: Јан Стојановски, Дамјан Стојанов и Матеј Гелев од ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје, Емилија Николовска од Математичко-информатичката гимназија и Димитриј Анѓеловски од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Скопје.
Во наредните месеци тие ќе имаат интнзивни подготовки со менторите од ДФРМ, акредитирано здружение од Министерството за образование и науки за организирање на државните натпревари и учеството на нашите тимови на меѓународните натпревари.
Лани два сребрени и два бронзени медали освоија учениците што ја претставуваа Македонија на 7. Европска олимпијада по физика, која се одржа во Хановер, Германија. Ова е најголемиот успех во досегашното учество на Европската олимпијада.
Фото: ДФРМ





