Истражување на можната иднина на минатото

Пишува: Калина Малеска

„Засолниште во времето“ е токму таква книга во која минатото ѝ вика и ѝ шепоти на иднината; во која апсурдноста се судира и коегзистира со реалноста – пишува Калина Малеска за блогот Блен.мк, а ние се потсетуваме на романот во чест на добивањето на наградата „Букер“ за Господинов

Сеќавањето има необично влијание врз нас. Истовремено нè теши и нè вознемирува, го поврзува нашето лично минато и општата историја од која сме дел со сегашноста и со можноста да ја контролираме иднината. „Засолниште во времето“ од Георги Господинов („Или-Или“, македонско издание) е роман во кој се истражуваат овие карактеристики на сеќавањето. „Засолниште во времето“ е и роман во кој се навлегува длабоко во процесот на бришење на сеќавањето, попознато под поимот заборавање. „Засолниште во времето“, меѓу другото, е и роман за можната иднина на минатото, за носталгијата, всушност, за самиот концепт на времето. И за личните приказни и општествените промени, кои истовремено се и фатени во бурите на времето и се обидуваат да најдат засолниште од и во времето.

Ова е необичен роман, чие дејство се случува во сегашноста, во иднината; реалистичен, утописки роман; во кој раскажувачот е и главен лик, но и само присуство во позадината низ кое пробива цел спектар од различни гласови; составен е од разнородни фрагменти кои ги содржат алките на нивно цврсто поврзување; содржи пет поглавја што се надоврзуваат во хронологијата, но се судираат во идеите.

Првиот дел, „Клиника за минатото“, го истражува стареењето. Во него, Гаустин, „кого најпрво го измислив, потоа го сретнав од крв и месо“, како што вели раскажувачот, „Гаустин од мојата фантазија да сум некој друг“ (стр. 20), кој има способност да патува низ времето, отвора клиника за луѓето кои почнале да забораваат било од старост или како последица на Алцхајмер или од некоја друга причина. Овде се истражува европската географија на времето, градовите кои се најсоодветни за живеење во одреден период на животот. Гаустин ја објаснува мотивацијата за создавање на клиниката за минатото: кога луѓето кои сè уште имаа способност за помнење влегуваат во минатото, тие потоа со леснотија се враќаат назад во сегашноста, но оние кои го загубиле помнењето не знаат како да се вратат – за нив, вратата од сегашноста останува засекогаш затворена. Она што може да се направи за да им се помогне е да се создаде простор што е синхронизиран со нивното внатрешно време. Така е создадена клиниката, со простории уредени во согласност со 1950-те, 60-те, 70-те, соодветни за периодот кога оние кои сега стареат биле млади. Токму овде се појавуваат тие мноштво гласови, богатство од лични приказни. Еден од ликовите, којшто бил следен за време на комунистичкиот режим, сега соочен со заборавање а со тоа и непрепознавање на себе, низ иронијата на животот, е принуден да го исконтактира својот најголем непријател, агентот кој го следел и го кодошел, и кој затоа најдобро го познава. Сега му е потребна неговата помош за да може да ги собере парчињата спомени пред засекогаш да замине. Во други случаи, минатото не секогаш е она што се случило, туку и она што некој го замислувал и посакувал. Следствено, сеќавањата се составени од желбите повеќе отколку од стварноста.

Иако романот е подeлен во пет поглавја и епилог, во однос на доминантните идеи мене ми се поделија два главни дела – овој, првиот, од една страна, и вториот, составен од другите четири поглавја, од друга страна. И сакам да споделам два цитата од романот – по еден од првиот и од вториот дел – што ги одразуваат овие доминантни идеи. Во првиот дел, стареењето и заборавањето, се прецизно опишани.

Целиот текст е објавен на Блен.мк, прочитајте го на линкот.

Сподели