Почина карикатуристот и ликовен критичар Лазо Плавевски

По кусо боледување почина историчарот на уметност и ликовен критичар Лазо Плавевски, соопшти Музејот на современата уметност. Плавевски e роден во 1954 година во Скопје. Беше карикатурист, историчар на уметноста, куратор, ликовен критичар и до своето пензионирање во 2021 година работеше како кустос-советник во Музејот на град Скопје. Како куратор организирал голем број самостојни и групни изложби на современи македонски автори.

Од 1995 до 2009 година е редовен соработник и член на редакцијата на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“, издание на МСУ и автор е на голем број текстови и осврти за современата македонска уметност.

Плавевски припаѓа на генерацијата карикатуристи, која на културната сцена настапи на почетокот на осмата деценија од минатиот век. Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјава и странство, а во 1976 година ја добива наградата GRAND PRIX на Светската галерија на карикатури во Скопје. Како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учество на повеќе групни изложби

Во 1995 година ја објавува „Нема книга / карикатури 1990 – 1993“, а во 2001 година, заедно со Мирослав Грчев, книгата „Картички“. Во форма на каталог/книга во 2009 година публикуван е проектот „Неупотребливи белешки“, а во 2016 година на порталот Окно е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.

Насловна фотографија: МСУ

Сподели