Со воведувањето на модерни технологии во музејската работа и дигитализацијата не би сакала да заостанеме зад музеите во регионот, вели Ружин
Нашите музеи, како и сите музеи во светот се општествено одговорни институции кои мора да ја познаваат, но и да се грижат за својата публика. Тоа е клучот при креирањето на поставките, повремените изложби и интерпретацијата на истите. Музеите се и инспиративни места, врска меѓу места и луѓето, откриваат приказни, често и неоткриени, вели д-р Ирена Ружин, автор и менаџер на проектот „ЕдуКон“. Таа е алумни на Амбасада на САД, на Британскиот совет, член на Извршниот одбор на Балканската музејска мрежа, Балканската музејска група за пристапност и членува во многу меѓународни тела и одбори.

Веќе втора година во Скопје се одржуваат семинари за музејска дејност кои се дел од еден поголем проект. Раскажете ни повеќе за „ЕдуКон“, кој го организира, кому е наменет, колку време трае?
– „ЕдуКон“ е двегодишен динамичен и интерактивен проект чиј носител е Меморијалниот центар на жртвите на холокаустот на Евреите од Македонија. Во рамките на проектот организираме семинари на различни теми од областа на музејското работење, со професионалци предавачи од регионот. Учесници на семинарите се колеги од музеите од Скопје и колеги од областа на заштитата, односно конзерватори. Често вклучуваме студенти и претставници од невладиниот сектор. Целта на проектот е зголемување на посетеноста во музеите, преку учење од успешни примери, методологија и стратегии кои може да се спроведат на кај нас.
Во текот на проектот се остваруваат голем број на пријателства, се продлабочува соработката и се развиваат нови проектни идеи. Сите учесници имаат можност да го споделат сопственото знаење и искуство. Многу важно за сите нас е што учесниците се задоволни и „ЕдуКон“ го оценуваат како важен и корисен проект. Проектот е поддржан од „Хедли Траст“ (Headley Trust) од Кралството на Велика Британија.

Опфаќате интересни теми од областа на музејската работа. По што најмногу се водевте додека ги конципиравте?
– Темите се избрани во консултација и според потребите на нашите колеги, во насока на исполнување на крајната цел на проектот, како да ја зголемиме посетеноста во нашите музеи. Согласно темите, се одбрани докажани, искусни музејски професионалци и професори, кои се познати по својата желба и вештини за споделување на своето знаење, пријатни и интересни предавачи. Скоро сите предавачи од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, се членови на Балканската музејска мрежа или имаат искуство во соработка во некој од нејзините проекти. Досега во изминатите семинари, работевме на повеќе теми, музејска едукација, развој на публика, музејски маркетинг, односи со јавност, пристапност и инклузија во музеите, интерпретација на културното наследство, но и конзервација, која се наметна како многу важна и потребна тема, застапена во три семинари. Затоа насловот на проектот е ЕДУ-едукација и КОН-конзервација.

На еден од семинарите предавач беше м-р Жељка Сушиќ, експертка од Хрватска. Какви искуства им пренесе таа на учесниците?
– Жељка е долгогодишен професионалец од Тифлолошкиот музеј од Загреб и член на Балканската музејска група за пристапност при Балканската музејска мрежа, со која сум соработувала последните неколку години на неколку проекти. На овој семинар „Право на различност“, таа се осврна на законската регулатива и човековите права, на моделите на работа со лицата со попреченост и маргинализираните лица. Учесниците ги разгледаа и меѓународните конвенции, закони и правилници… како и македонските, во кои јасно се наведени правата на секој човек. Презентираше добри практики од хрватските проекти, методологија на работа, во кои таа има долгогодишно искуство. Во текот на дводневниот семинар работевме на повеќе вежби и групни задачи.

Во неколку реченици, како би ја опишале состојбата во музеите во Македонија денес во однос на состојбите во светот?
– По мое мислење, во разговор со колегите од музеите и според моето искуство во соработката со неколку музеи во Скопје, во последните неколку години, состојбата е релативно добра. Некои од македонските музеи одлично функционираат, а некои малку стагнираат и затоа не можам да дадам генерална оценка. Некои потенцираат дека имаат недостиг на средства, што не е секогаш причина за пасивност. Има примери за музеи кои реализираат проекти со меѓународни донатори, а други кои најчесто поддршка бараат само од нашето Министерство за култура. Нашите музеи изобилуваат со исклучително вредни колекции, наше непроценливо богатство, на што многу ни завидуваат, автентични поставки и голем број предмети во депоата.

Голем број музеи се во Скопје при што конкуренцијата за посетеност е поголема, а во помалите градови имаме по еден до два музеи. Во музеите работаат квалитени и стручни кустоси, едукатори и други музејски професионалци кои секојдневно учат, се надоградуваат и се вклучуваат и во меѓународни проекти, обидувајќи се да бидат во чекор со современите текови во музејската работа. Се случува дел од нив да не можат да се реализираат заради разни причини, а најчесто политички, недостиг на стратегии, условите за работа, не добар менаџмент и сл.
Иако состојбата се подобрува од година во година, сепак мислам дека можеме уште подобро и повеќе, во смисла на уште повеќе квалитетни изложби, различни програми, пратејќи ги меѓународните стандарди и трендови како и засилено вмрежување со музеите од регионот. Според мене многу е важна и меѓународната промоција на нашето вредно културно наследство, нашата историја, нашите приказни и нашиот идентитет.

Музеите во регионот и во светот, имаа прекин во својата работа и посетата беше намалена заради пандемијата, но годинава сме сведоци на зголемена посета. Од последните анализи и статистика на некои од големите музеи во светот сум изненадена од брзото враќање на публиката односно до 60 отсто во однос на 2020, најпосетуваниот Лувр за 180 отсто во однос на 2021, а Ватиканските музеи за 210 отсто. Во Британските списанија прочитав дека тамошните музеи сеуште се борат за враќање на публиката за разлика од париските музеи кој вртоглаво ја зголемија посетеноста дури и започнаа ограничувања ( Лувр) на бројката за посетители во еден ден. Бројките во САД на познатите њујоршки музеи исто така се намалени до 30-40 отсто особено во „Гугенхајм“ и „Метрополитен“, а исто толкав пад има и Гети центар во Лос Анџелес, споредувајќи со бројките од 2019. Големо намалување на посета објавија и музеите од Азија, кои имаа најстроги мерки за време на пандемијата.
Каде ја гледате појдовната точка во менувањето на состојбите на подобро?
– Нашите музеи, како и сите музеи се општествено одговорни институции кои мора да ја познаваат, но и да се грижат за својата публика. Тоа е клучот при креирањето на поставките, повремените изложби и интерпретацијата на истите. Музеите се и инспиративни места, врска меѓу места и луѓето, откриваат приказни, често и неоткриени, а начинот на кој приказната и фактите ќе се пренесе е работа на етика, стручност и професионалноста на музејските професионалци. Важно е да се подготвуваат квалитетни и современи/ модерни изложби и да се трудиме да бидеме повидливи.

Со воведувањето на модерни технологии во музејската работа и дигитализацијата не би сакала да заостанеме зад музеите во регионот. Се покажа дека и достапните колекции и предмети на музејските веб страни исоцијални мрежи, воопшто не ја намали желбата на посета на музеите, напротив, ја поттикнуваат желбата за посета на музејот во живо. Музеите се соочуваат со големи промени и предизвици во современиот свет и мораат соодветно да се вклучат и да одговорат. Ме радува фактот што во неодамна прифатената нова дефиниција за музеите на ИКОМ (International Council of Museums), покрај истражување, собирање, чување, се става акцент и на интерпретацијата, презентацијата на материјалното и нематеријалното наследство, и пристапноста/достапноста за сите.
И да не заборавиме дека е многу важно во музеите да работаат квалитетни тимови, од различни професии кои постојано ќе учат и ќе се надградуваат, ќе ги пратат музејските трендови, соработувајќи со колеги од регионот и пошироко со цел овозможување на незаборавно музејско искуство за своите посетители. Пораките што ги испраќаат музеите мора да бидат внимателно подготвени, точни и достапни и пристапни за сите категории посетители без исклучок, затоа што музеите се за сите.
Фото: Маја Јаневска-Илиева





