Дузина студенти од исто толку факултети од земјава го добија признанието инженерски прстен што ја доделува Инженерската институција на Македонија за прстен на најдобрите дипломирани студенти од факултетите кои образуваат инженерски кадри. Признанието вчера им го врачи претседателот Стево Пендаровски на Антонио Андоновски од Природно-математичкиот факултет, Симона Цветковска-Лехтинен од Факултетот за земјоделски науки и храна, Моника Шаревска од Машинскиот факултет, Ники Петрески од Факултот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, Милена Трајаноска од ФИНКИ, Елена Настеска од Архитектонски факултет, Ева Ристова од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Димитар Гошев од Градежен факултет, Бојан Софрониески од ФЕИТ, Вероника Стојановска од Технолошко-металуршкиот факултет (сите при УКИМ), Ана Михаиловска од Факултетот за природни и тејнички науки при Универзитетот во Штип и Сара Петковска, од Техничкиот факултет при битолскиот Универзитет.
– Целта на признанието е да ги истакне најдобрите и да го промовира инженерството како професија значајна за развојот на државата и општеството во целина. Нашите добитници, независно каде се наоѓаат, учествуваат во развојот на Инженерската институција на Македонија и се посветени на новите генерации инженери. Заеднички воспоставуваме насоки за унапредување на инженерството во државата, што исклучително зависи од образувањето на квалитетни кадри кои ќе го понесат развојот на новите технологии и дигиталната трансформација на општеството – вели Христина Спасевска, претседателка на ИМИ.
Грбот на златниот инженерски прстен претставува круна од дабови лисја на чиј врв е вграден знакот на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Дабовите лисја во македонската традиција се симбол на чест и достоинство на имателот. Ѕвездата на Инженерската институција на Македонија го симболизира знаењето и синергија на сите инженерски дисциплини.





