Нада Пешева ја доби наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“

Историчарката на уметност Нада Пешева за проектот проектот „Женското учество во современата македонска ликовна/визуелна уметничка сцена по 1991 година“ ја доби наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ што ја доделува Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија. Според комисијата составена од Елена Вељановска, Владимир Јанчевски и Тихомир Топузовски, наградата се доделува зоради важноста, актуелноста и акутноста на истражувачката проблематика.

– Видливоста на авторките и ре-испитување на позицијата на жената во светската уметничка сцена е дел од новите политики и тенденци и во современата светска ликовна критика и теорија, а прашањето за учеството на жената како авторка во современата ликовна сцена е предмет на интерес и кај нас особено во периодот по 90-тите. Истражувањето се фокусира на женското учество во современата уметничка сцена, со посебен осврт на квалитетот и квантитетот на културните политки во стимулирање на учеството на жените во современата ликовната/визуелната уметност во Македонија во периодот на 1990-тите години, но и степенот на инклузивност на родови теми во рецентната уметничката продукција – велат од АИКА.

Нада Пешева (1976, Скопје) дипломирала на катедрата на Историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје (2000). Магистрирала на тема „Културна политика и менаџмент“ на Универзитетот на уметности во Белград, Србија (2013). Во моментот е докторант на катедрата за Културолошки студии на Институт за македонска литература, УКИМ. Во потесен интерес на нејзината работа влегуваат ликовната теорија и критика, културниот менаџмент и политика, културниот туризам, културните индустрии и родовите прашања во културата. Учествувала на повеќе локални и меѓународни конференции, дебати и симпозиуми во земјата и странство и објавувала трудови во повеќе научни списанија и публикации. Во моменов е вработена во Агенција за промоција и подршка на туризмот. Член е на Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“, а била и член на Управниот одбор на здружението.

Сподели