Архитектот Методи Хаџи-Андов зборува за состојбите во македонската архитектура денес, но и за инспирацијата, убавината на архитектурата како професија
Состојбата во нашата држава поврзана со урбанизирањето на градовите, а потоа и нивното градење е во многу лоша состојба. Не постојат никакви архитектонско-урбанистички студии, мастер планови за поширок раст и развој на градовите, создавање на визија за раст преку кои ќе се дојде до заклучок како да се разработуваат помалите парчиња од градовите, вели Методи Хаџи-Андов од архитектонското биро „Параметар студио“. Во интервјуто за Умно.мк Хаџи-Андов зборува за состојбите во македонската архитектура денес, но и за инспирацијата, убавината на архитектурата како професија. „Параметар студио“ пред два месеца ја доби Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија за најуспешно реализирано архитектонско дело за 2024 година. Авторскиот тим го сочинуваат Методи Хаџи-Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев и Димитар Стефановски.

Наградата пред Нова година им ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова
За проектот „Мултинаменски комплекс“ во скопското село Р’жаничино ја добивте Големата годишна награда што ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Колку во денешно време се битни овие признанија и што значат за архитектонското биро „Параметар студио“?
– Кога пристапувате на професијата што ја работите со голема посветеност, љубов и страст, а посебно ако таа професија е архитектурата како што е во „Параметар“, и тоа проектирање, планирање, надзор и менаџирање како синтеза на сè, првично ве исполнува процесот на изработка на проектот, анализирањето на локација, контекст, проектна програма, креирајќи нов простор во кој треба да борават, работат и продуцираат многу луѓе. Потоа ве исполнува процесот на изградба на истиот простор кој претходно сте го креирале на парче хартија, градејќи го сантиметар по сантиметар, решавајќи ги сите технички, технолошки и инженерски детали и дилеми, за да изгледа онака како што сте го замислиле на почетокот.

Објектот „Мултинаменски комплекс“ во скопското село Р’жаничино
И секако, на крај ве исполнува финалниот производ, односно моментот кога гледаш дека истиот тој простор веќе почнува да им служи на луѓето, да го збогатува секој миг од денот, а луѓето полека почнуваат да го одомаќинуваат секој агол, простор и елемент. Кога над сета оваа работа, добивате големо признание како ова, посебно кога истото е доделено од професионалци, докажани архитекти, и тоа едногласно, ви дава уште поголем мотив и желба за да продолжите да бидете истрајни и успешни во тоа што го правите. Овие успешни архитектонски дела, а со нив и сите признанија, награди и пофалби се од големо значење за една фирма, а секако и за целиот нејзин инженерски кадар, бидејќи го покажува добриот правец на раст, а со тоа го гради своето реноме.

Методи Хаџи-Андов
Четворица архитекти сте автори на проектот. Објаснете ни го процесот на генерирање и развој на идеја? Од каде почнувате, што преовладува во изборот, кога има повеќе различни ставови за некој проблем, како го избирате решението?
– Процесот на генерирање на проектите во „Параметар“ се одвива тимски. Секој проект се распределува на еден од тимот, што ќе го води низ цел негов процес, а останатите се вклучуваат при дефинирање на идејното решение, даваат мислења, сугестии и предлози. Проектот е цел процес, почнувајќи од формирање и разработка на цела програма, потоа разработка на програмата низ волуменска поставеност на самата локација, дефинирање на пристапи, отвори, анализа на светло и сенки, анализа на материјалноста, во овој процес се прават повеќе тимски состаноци, разговори и дискусии и се одлучува во кој правец да се движи решението. За да се дефинира решението битни се повеќе фактори: функционалност, просторни квалитети и секако финансиски удел и рационалноста на објектот како битен фактор на инвеститорот.

Конкретно во овој проект кој претставува главен административен и индустриски центар за контрола, сервисирање, одржување и градење на трасите за пренос на природен гас во Македонија, предизвик беше да се имплементира нова типологија на простории, а сепак да ги задоволат потребите на инвеститорот. Па така, на катот е сместена администрацијата каде направиме една нова типологија на административен простор интегрирајќи 4 сектори со по 6 до 8 вработени, 4 раководители на сектори во блиска и постојана комуникација со секторите, простор за менаџер, секретарка и сала за состаноци, преплетени со 5 пација и атриуми кои формираат внатрешни дворови исполнети со многу зеленило, дополнето со многу стаклени површини, светлина и големи отворени тераси создадовме пријатен амбиент за работа и боравење. Во приземјето се сместени работилница и два магацина кои се павилјонски поставени во рамки на дворната површина и тука улицата која се протнува центрано на локацијата претставува главен елемент за комуникација и обединување на овие две функции.
„Мултинаменски комплекс“ е сместен во индустриска зона, но во рурална средина. Бела симетрична геометриска градба со многу стакло. Какви материјали интегриравте во основниот проект, со какви предизвици се соочивте во текот на реализација?
– Објектот се наоѓа во индустриска зона на северниот раб на рурална средина. Диверзификацијата на програмата во расчленети волумени, се обиде да го доближи објектот до неговиот контекст, околината, да ја надополни и полесно да се вклопи во неа. Во тоа помогнаа големите стаклени површини кои ја рефлектираат околината, прават дематеријализација на самиот објект или така наречено го „олеснуваат“ огромниот габарит. При разработка на идејното решение беа предвидени други материјали, посебно на фасадните ѕидови, кои требаше да се изведат како бетонски монтажни панели во комбинација со алуминиумски елементи. Но, при процесот на разработка на основниот проект, со цел рационализирање на објектот, поради одредени финансиски ограничувања, потребна беше промена на фасадниот систем.

Промената на материјалот ни направи голем предизвик, односно правевме повеќе проби за дефинирање на сите детали, споеви, за прилично рационален материјал да изгледа пристојно на вака дефиниран објект. Во тек на изведба на објектот се соочивме и со многу други предизвици, но секако како најголем предизвик беше изведбата на челичната конструкција на катот на објектот со сите отвори и пација и моментот на поврзување на двата расчленети волумени со еден вид на „мостовска конструкција“. Во овој контекст, покрај објективните професионални тешкотии при проектирањето и нашиот секојдневен надзор над објектот, морам да ги споменам и настанатите субјективни тешкотии (како преструктурирање на фирмата како сопственост, менување на буџет, ковид-кризата). Имено, нашиот ангажман се одвиваше долговремено и тоа од менување на урбанизмот, проектирањето, па и надзор до самиот крај. „Параметар“ работеше на Државен објект (кој е и ретка инвестиција, во последниве години), справувајќи се со сите планерски, проектантски, надзорски и менаџерски проблеми.
Еден од внатрешните ѕидови со голема дебелина има четири прозорци кои потсетуваат на прозорците на капелата Нотр дам во Роншам, Франција. Дали се инспириравте од едно од најпознатите дела на Ле Корбизје? И во оваа смисла, колку имате авторска слобода кога работите некој проект? Имаат ли клиентите апсолутна доверба или наметнуваат свои лични желби?
– Елементот што сте го препознале е интерпретиран на плафонот помеѓу двата расчленети волумена, поради потребата од голема конструкција за нивно поврзување се појави голема длабочина на дното на пацијата. За да внесеме поголемо светло во пасажот го употребивме принципот на Ле Корбизје на еден од ѕидовите на капелата Нотр дам во Роншам. Инспирацијата од големите архитекти, со нивните успешни реализации е постојано присутна, при генерирање на идејните решение на различни типологии на објекти, сместени во различни контексти.

При генерирање на идејните решенија, „Параметар“ и сите ние како дел од фирмата, имаме слобода на изразувањето, за да го понудиме најсоодветното решение за конкретната задача. Секако постојат различни клиенти, кога се работи за работа на државни објекти имаме поголема авторска слобода на израз, додека кај приватните клиенти е поделена состојбата – дел од нив дават потполна слобода на израз, дел од нив наметнуваат свои лични желби. Сите желби на клиентот се сослушуваат, доколку се коректни се применуваат. Доколку ние сметаме дека тие желби го нарушуваат решението и ќе го однесат во сосем друг правец, дискутираме и во најголем дел успеваме да го насочиме клиентот во вистински правец, на заемно задоволство. Но, би требало да се знае дека тоа бара несекојдневен ангажман од самиот почетокот на процесот, од добивање на работата, па сè до крајот …
Како би ја опишале состојбата со македонската архитектура денес? Колку плански урбанистички се развиваат градовите, можете ли да посочите еден јавен простор во Македонија што Ви се допаѓа како расте?
– Состојбата во нашата држава поврзана со урбанизирањето на градовите, а потоа и нивното градење е во многу лоша состојба. Не постојат никакви архитектонско-урбанистички студии, мастер планови за поширок раст и развој на градовите, создавање на визија за раст преку кои ќе се дојде до заклучок како да се разработуваат помалите парчиња од градовите. Моменталниот раст на градовите води кон загрозување на нивниот квалитет, градските просторни квалитети, а со тоа најмногу се загрозува човечкиот живот, неговиот квалитетен раст и развој.

Новите урбанистички решенија се „закачуваат“, на постојните инфраструктури и тоа во најголем дел, за што генератори се државата и институциите, а целта е поголем профит. Исто така долгите и комплицирани закони и правилници за планирање и градба, како и процедурата на нивно спроведување, а суштински, внатре се испуштени главни нешта, кои би ставиле ред во реализирањето. Во контекст на Вашето прашање, дали би посочиле квалитетно испланиран простор, можам да го издвојам и да се пофалам со еден обемен и несекојдневен урбанистички план кој го работи „Параметар, и кој поради деловната тајност не би можел да го откријам во целост. Но, како и да е, во истиот е избегната масовна изградба, се води поголема грижа околу урбанизацијата како и зголемување на квалитетот на градските простори, зголемување квалитети и на јавните простори, но испочитувани се и економските барања за профит на инвеститорот.
Како ја коментирате прекумерната изградба на масивни станбени комплекси, особено во Скопје и во Охрид? Која е логиката на толкаво оптоварување на јавниот простор во време на миграција и намалување на бројот на населението?
– Повторно би се навратил на ставот дека кај нас не постојат детални архитектонско-урбанистички студии, анализи на повеќе фактори, а во едно од нив спаѓа и анализа на демографските карактеристики на градовите, со кои точно ќе се утврди потребниот станбен простор што треба да се изгради. Состојбата во Скопје и Охрид секојдневно сè повеќе се влошува, постои т.н. градежна инвазија на масивни станбени комплекси, за кои нема реална потреба. Но, не би требало само да го повторуваме лошиот контекст на градбите, имено интензивната градба е двигател во една држава, таа повлекува со себе ангажман на 120 деловни гранки кои се поврзани со градежништвото.

Но, сето тоа мора да биде стратешки канализирано од страна на институциите, од кои пак е потребно огромно работно и мисловно преструктурирање, но и многу поголемо ангажирање, и тоа во нераскинлива корелација со реалниот и искусен сектор. Па така, наместо изградба на масивни станбени комплекси, средствата да се пренасочат во изградба на јавни објекти, приватни училишта, градинки, приватни спортски комплекси центри, изградба на јавни содржини кои сепак ќе им носат профит на инвеститорите, а ќе го зголемат квалитетот на живот и сето тоа издржано смислено, испланирано и што поитно и квалитетно реализирано, за да се спречи девастирање на урбаните и руралните квалитети на живеење.
На што работите во моментот?
– Во „Параметар“ се работат проекти од различна намена и обем. Почнувајќи од проектирање на конкретни објекти со различна комплексност и големини, до изработка на урбанистички планови и проекти исто така од различен обем, па сè до дизајн на ентериер, дизајн на елементи во ентериери. Во моментот се работи на доста голема архитектонско-урбанистичка студија и обединета постапка за изработка на ДУП и ГУП, на многу специфична локација на влез во град.

Се работат повеќе идејни проекти интегрирани во Урбанистички проекти и Детални урбанистички планови од кои повеќето ги изработуваме и на тој начин, ги менуваме плановите со еден комплексен пристап, инфилтрирајќи квалитетни идејни решенија во нив. Се работи и на основни проекти за индустриски капацитети за производство и складирање, исто така имаме прилика да правиме идеен и основен проект за ергела со сместувачки капацитети на преубаво место, како зголемување на капацитети за производство на вино и објекти за дегустација на вино во нашите најквалитетни виногорја. Паралелно на сето ова се води надзор над објекти што се во тек на изведба.
Фото: „Параметар студио“





