Инспиративното патување на Ева Милевска, македонската ѕвезда во скијање во подем

Пишува: Љубица Ангелкова

Моментот кога заклучив дека сакам да го продолжам мојот пат кон остварување на спортскиот сон беше истиот кога на седумгодишна возраст решив дека навистина сакам ова да го правам. Оттогаш сонував да го достигнам ова ниво кое што сум сега. FIS натпреварувањето беше мојата првична цел, а сега кога стигнав до него, желбите сѐ повеќе растат

Во жестоко конкурентниот свет на професионалното скијање, се појавуваат млади таленти со приказни што инспирираат. Таков талент е Ева Милевска, која направи значаен напредок во скијањето на неверојатно млада возраст.
Моментално позиционирана на 410. место на светската листа за скијање FIS, Ева не го претставува само својот скијачки клуб „Пелистер“ од Битола, туку и соништата на младите спортисти насекаде. Тренирајќи под водство на италијански тренери и натпреварувајќи се на некои од најпредизвикувачките терени во Европа, патувањето на Ева е доказ за нејзината посветеност, издржливост и страст за скијање.

Од адреналинските трки во спуст во Сестриере до поставувањето национални рекорди, нејзината прва година во професионалното скијање е ништо помалку од извонредна. Во ова интервју Ева споделува впечатоци за нејзината транзиција кон професионално скијање, предизвиците на тренинзите во странство и балансирањето на дисциплината на спортот со животот на една тинејџерка. Нејзините достигнувања, особено како прва Македонка која освоила FIS поени во спуст на само 16 години, не се само лични успеси, туку и значајни успеси за нејзината татковина. Според планот на италиjaнските ски тренери под чие менторство Милевска тренира и се натреварува, таа треба оваа година да се појави на 40 трки, а тоа ќе значи и подобрување на пласманот на FIS ранг листатa.

Милевска настапуваше на патеките во Сестриере, Биелмонте, Пасо Сан Пелегрино и Кортина д’Aмпецо во спуст трки и го забележа и најдобриот нејзин личен резултат и постави државен рекорд во најбрзата дисциплина спуст.

Ова е твоја прва година во професионално скијање. Можеш ли да го опишеш моментот кога сфати дека си подготвена да преминеш во професионално скијање? Што влијаеше на твојата одлука?

– Моментот кога заклучив дека сакам да го продолжам мојот пат кон остварување на спортскиот сон беше истиот кога на седумгодишна возраст решив дека навистина сакам ова да го правам. Оттогаш сонував да го достигнам ова ниво кое што сум сега. FIS натпреварувањето беше мојата првична цел, а сега кога стигнав до него, желбите сѐ повеќе растат.

Не може да се споредува тренингот и капацитетите за скијање во Италија со она што е достапно во Македонија, но кои беа најзначајните причини што влијаеја врз твојата одлука да тренираш во странство?

– Ова не ми е прва година каде што не тренирам со македонски тимови, низ годините најчесто се снаоѓав и со тимови на Балканот, но сепак тоа не беше добро решение. Мојата прва FIS сезона ја започнав со италијански тим, а причините се многу едноставни. Од почетокот на скијачката историја, Италија била и е во врвот на скијањето. На спортистите им се отвора простор за подобрување кога се во средина со некои што се со далеку поголемо искуство. Од анализи до скијање, а и цел стил на живот што го имаат е навистина комбинација која дава шанса да се учи од нив квалитетно. Исто така значаен фактор беше натпреварувањето во брзи дисциплини. На овој регион немаме искуство со брзината и некако ни се чини далечна. Ризикот е поголем, а реално не сме спремни да тренираме спуст и супервелеслалом дома, во Македонија.

Дали би можела да нè прошеташ низ еден типичен ден од твојот живот во Италија, истакнувајќи како управуваш со еден ригорозен распоред за тренинзи и со твојот социјален живот како тинејџерка?

– УЖИВАЈ беа зборовите на мојот тренер. Ние некако имаме мислење дека спортистите не се луѓе, дека мора да се однесуваат како роботи за да ги достигнат посакуваните резултати. Тоа мислење го имав и јас и сѐ уште се борам да го искоренам од себе. На појадок пред трка на Бјелашница го прашав големиот Кристијан Гедина: „Како да го програмирам мозокот за да немам толкава трема?“… А тој ми одговори: “Have fun!” Кога ми го кажа тоа, не го сфатив толку сериозно. Не верував во тоа, но кога ја почувстував таа атмосфера откако сум тука, видов за што зборувал. Тука во Италија, најдобрите спортисти не скијат за резултати, за историја или да се докажат пред некој од федерацијата за да бидат избрани, туку го задржале тоа чувство од категоријата снегулки, скијат зашто тоа премногу сакаат да го прават и истите тие скијат Европа Куп.

Да се биде далеку од дома и родителите на толку мала возраст мора да е предизвик. Како се справуваш со носталгијата и живеењето во странство?

– Иако сум сега малку поголема, чувството на носталгија го има, а мислам дека и секогаш ќе го има. Моето семејство верува во мене, тие се мојата најголема поддршка. Имам и помал брат којшто секогаш е најгласен на натпревари заедно со мајка ми и татко ми. Нивното бодрење на патеките засекогаш ќе ми остане најскапоцена награда. Времето кое го поминуваме заедно ми ги полни батериите за сила и трпение. Иако километрите се далечни помеѓу нас, во моето срце тие секогаш се најблиску.

Каков беше за тебе процесот на адаптација на новата средина? Дали имаше посебни предизвици со кои се соочи?

– Колку чудно и да звучи, најголем шок ми беше професионализмот што тука доминира. Толку многу тренери сум променила, што престанав да ги бројам. Различни држави, возрасти… Но, на деталите на кои што работев со нив, за мене беа неразбирливи. И така се барав и сфатив дека мора да ги исправам тие мали работи што се речиси и невидливи за голо око, па да продолжам со усовршување на покрупните нешта. Ова ми даде и трпение да не скокам чекори и да се вратам на базата на скијањето.

Ти си првата Македонка што освоила FIS-поени во спуст скијање со само 16 години, што значи ова достигнување за тебе лично и за младите спортисти во Македонија?

– Спустот и супервелеслаломот не се играчка, но не се ни нешто што треба да се плашиме и да бегаме. Отсекогаш сум го обожавала адреналинот, тоа е моја одлука дека сакам да се фокусирам повеќе на тие дисциплини. Тимот со кој што сум сега ми направи тестови за мојата физиономија во скијањето и така заедно одлучивме да се фокусираме на тоа што има повеќе потенцијал кај мене.

Кои се твоите планови и цели за остатокот од сезоната? Како се подготвуваш за претстојните настапи и дали има некои конкретни настани за кои си особено возбудена?

– Имам различни цели во сите дисциплини со оглед на тоа колку сум била посветена на нив. На стартот на сезоната, посакував во спуст да го подобрам мојот вкупен пласман и да станам дел од првите 500 во светот. И успеав. Во техничката дисциплина, велеслалом сум имала досега само еден завршен старт, за почеток морам да имам два завршени, за да се земе среден просек. Откако ќе го направам тоа ќе можам да имам подобра слика за целите. За супервелеслалом имам слични, но поблаги очекувања како велеслалом. Најмалку се надевам за слалом, затоа што и најмалку на него имам работено. Првите месеци од сезоната се најкомпетитивни, но си давам време до април. Сега сум навистина многу среќна со постигнатото.

Како тинејџерка која живее далеку од дома, како го балансираш твојот личен живот, образование и професионална обука во странска земја?

– Велат дека мора да се избира во овој спорт или училиште или скијање. И тоа е така кај повеќето скијачи. Јас учам во САБА-Битола и со нивна помош не морав да бирам. Морам да признаам дека некогаш си кратам од одморот за да постигнам секаде успех, но ми дава сила амбицијата. Можеби тренирањето во Италија никогаш немаше да биде возможно без тоа решение. Социјалниот живот не е воопшто жртвуван тука. Цел тим од 20 луѓе вечераме и ручаме заедно со часови, а не набрзина, а јазичната бариера барем со нив не е проблем. Се дружам со личности што го живеат истиот живот и сон како мене, имаме многу сличности и е полесно за разбирање, што на пример некој што не го живеел тоа, не може да ме разбере.

На кој начин методите на тренирање и стиловите на тренирање со кои се сретна во Италија го обликуваат твојот пристап кон скијањето?

– Нивниот пристап не сум го видела досега во моите години со скијањето. Зборуваат со едноставен јазик за сложени термини и тоа е перфектен баланс. Не теоретски, туку како и зошто да го направам тоа. Дури и кога беа летните подготовки, имавме анализи од два часа, истражувања за физиката во скијањето, што ми помогна да си го разберам своето тело.

Каков систем за поддршка имаш во Италија?

– Јас не сум нивна, но тоа не значи дека ја немаат поддршката за мене. Кога го гледам видеото од денот што сум тренирала ги слушам коментарите на тренерот, некогаш навива, некогаш се нервира, но се гледа колку многу се вложува.

Дали имаш спонзори?

– Имам спонзор коj што ме поддржува повеќе години, тоа е „Триглав“, а од оваа година главен спонзор ми е Тaskforce. Благодарна сум им од сѐ срце!

Сподели