По повод Светскиот ден на детето УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија организираа пријателски фудбалски натпревар на кој „децата го преземаа теренот“. На натпреварот играа деца, професионални фудбалери од националната репрезентација, фудбалери од Специјалната олимпијада и функционери.
– На овој ден сите ние возрасните заедно со децата се потсетуваме кои ни се приоритетите, каде треба го насочиме погледот, што сакаме да постигнеме за да обезбедиме безгрижно детство за сите деца, а секако и подобра иднина и можности за развој – рече премиерот Димитар Ковачевски. „Светскиот ден на детето е нашиот потсетник за обврските што како општество ги имаме кон нашите деца, особено кон оние
чија положба е многу чувствителна.“

Светскиот ден на детето кој се одбележува секоја година на 20 ноември, ги истакнува најважните прашања кои влијаат врз животот на децата и го поддржува учеството на децата и младите како застапници на своите сопствени права. Оваа година, Светскиот ден на детето се паѓа на истиот ден со официјалниот почеток на ФИФА Светското првенство во Катар 2022 година и на тој начин дава ретка можност детските прашања да се најдат на врвот од глобалната агенда.
Натпреварот беше дел од заедничката кампања на УНИЦЕФ и Фудбалската федерација на Македонија, под слоганот „Сите сме еден тим“, со која се повикува сите да се здружат за правата на децата.

– Фудбалот значи ширење на пријателство, еднаквост и промовирање на здрав начин на живот и спортска култура. Ве охрабруваме сите млади активно да се вклучите во активности кои ја пренесуваат пораката за присуство на пријателство и еднаквост на спортските терени, но и во секојдневниот живот, “ рече директорот на националната фудбалска репрезентација, Дени Масев.
На настанот присуствуваа деца, наставници, министри, амбасадори, јуниорски фудбалски тимови и фудбалери од Специјалната олимпијада. Настанот го модерираа деца од ТВ-серијата „Дајте музика“, кои ја претставува Македонија на детскиот евровизиски натпревар.





