Има добра атмосфера, си даваме поддршка. Што се учи на Академијата за дигитален маркетинг?

Дигиталниот маркетинг е голема сфера, па топло им препорачав да се обидат да се пронајдат во некој одреден сегмент и подлабоко да се заинтересираат, вели Александра Коложег-Гиевска, дигитален маркетер

Како да го промовираат својот бизнис на дигиталните медиуми, како да ја одредат целната група и да стигнат до поголема публика, е мал дел од програмата на Академијата за дигитален маркетинг наменета за девојки и жени од ранливи категории, што ја организира Сеавус eдукативен и развоен центар, во соработка со Impact foundation. Проектот е дел од програмата RECONOMY, имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation. Дваесетте девојки и жени што добија стипендија го завршија првиот модул од четиримесечната академија. Со дел од нив разговараме што ги мотивирало да се пријават на Академијата, а тренерот, дигиталниот маркетер Александра Коложег-Гиевска објаснува што совладале во изминатиот период.

Александра Коложег-Гиевска

– Во текот на првиот модул ставивме фокус на пронаоѓањето сопствен „niche“ кај учесничките. Дигиталниот маркетинг е голема сфера, па топло им препорачав да се обидат да се пронајдат во некој одреден сегмент и подлабоко да се заинтересираат, за кога ќе излезат од академијата да имаат јасна идеја за тоа што сакаат да прават при онлајн или фриленс работење. Исто така ставивме акцент на групните вежби за да може поубаво да се совлада теоретскиот дел, а во меѓувреме им овозможи на учесничките подобро да се запознаат меѓусебе – објаснува Коложег-Гиевска.

Совладани основните концепти на дигиталниот маркетинг

Таа додава дека поставувањето на добра работна атмосфера е особено важна кога предавањата се одвиваат онлајн за да се поттикне и задржи проактивноста.
– За среќа, платформата што ја користиме нуди многубројни алатки што ни ја олеснија комуникацијата, па направивме убава атмосфера, често се одвиваа дијалози и продуктивноста беше на задоволително ниво. Студентките ги совладаа основните концепти на дигиталниот маркетинг – вели Коложег-Гиевска.

Предавањата почнале со распознавање на традиционални наспроти дигитални медиуми, студентките се запознале со различни видови на маркетинг стратегии, терминологии како B2B и B2C, сегментација на публиката и градењето профил на идеален потрошувач во дигиталниот свет. Зборувале за корисничкото искуство и неговото мапирање односно целиот процес што се случува во текот на едно онлајн-купување и за методите кои се употребуваат за да може да создадеме една унифицирана и интегрирана маркетинг комуникациска стратегија.
– Сево ова го учевме преку практичен пример, откако една од учесничките предложи да работиме на вистински случај, односно нејзиниот мал бизнис. На тој начин можевме подобро да го примениме теоретскиот дел и да поттикнеме сериозна дискусија, да создадеме реални идеи за кампањи и убаво да ги поставиме темелите за следните модули на академијата – објаснува Коложег-Гиевска.

Бојана Јанева

Бојана Јанева е магистер по историја на уметност. Таа раскажува како дознала за Академијата и решила да аплицира за стипендија.
– Сè започна прилично конвенционално за нашето поднебје – со повик од другарка ми од детство, која со наредба во гласот ми рече: пуштај телевизија! „Телма“! Ја видов и чув директорката на „Сивус“, Весна Иваноска и веднаш го отворив лаптопот да поднесам барање за стипендија. Беше јасно објаснето за сумата која треба да ја покријам во рок од година дена, на рати. Знаев дека ми е потребно стекнување на нови знаења од оваа област за работа во денешницата – вели Јанева.

Неопходни знаења за работа денес

Таа е задоволна од предавачите досега и не штеди зборови за Коложег-Гиевска.
– Нема доволно простор да ја испофалам за несебично предаденото знаење, со могу внимание на сите детали и со успешно едукативно адаптирање на двесет жени со различни познавања и искуство со дигиталниот маркетинг. Ни даде основа за следните модули, доближувајќи ни ги научните методи преку примери и вежби кои ни ги изработувавме. Со нетрпение ги очекувам и следните предавачи, а и темите според модулите кои следат, како совршена насока за развој на мојата иницијатива за културни тури „Најново нормално“, посветена на широка публика на која ù се доближувам преку социјалните мрежи и медиуми – вели Јанева.

Милена Јакимовска од Крива Паланка неодамна дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, насока финансиски менаџмент. Вели дека сè уште ја ужива радоста од успешното завршување на студиите и би сакала да излезе на пазарот на трудот збогатена со знаења од областа на дигиталниот маркетинг. Ова е една од причините што решила да се пријави на Академијата.
– Дигиталниот маркетинг е област што постојано се менува и еволуира. Да бидеш дигитален маркетер бара постојано истакнување на креативноста и осмислување на соодветни решенија за исполнување на задачите преку изработка на креативни реклами, постови и текстови. Во принцип сум доследна, организирана, креативна личност, спремна за работа на нови проекти и надградување на себеси – вели таа.

Милена Јакимовска

Јакимовска објаснува дека во првиот циклус од студиите се запознале со основните концепти на дигиталниот маркетинг, карактеристиките, видовите на канали на комуникација, како изгледаат профилите на идеалните потрошувачи и самото интегрирање на маркетинг-комуникациите.
– Менторката Александра Коложег – Гиевска успешно нè воведе во светот на дигиталниот маркетинг со пренесување на нејзините знаења на сите студенти од групата и секогаш беше отворена за соработка и разјаснување на сите прашања. Атмосферата во тимот е секогаш позитивна, хармонична и со максимална меѓусебна поддршка. Најважно од сè, сакам да се пронајдам во областа од маркетингот која што најмногу ќе ми одговара и сметам дека со понатамошното учење на Академијата би можела да се определам и да ја градам кариерата – завршува Јакимовска.

Сподели