Илија Џаџев покажал дека уметноста не е привилегија, туку дар што треба да се споделува, вели уметникот Перо Кованцалиев

За среќа, како и во сите сфери на нашето општествено живеење имаме блескави моменти и периоди за паметење одржувајќи еден скромен континуитет од културата за паметење, како што е и примерот со скулптурата посветена на Илија Џаџев во Гевгелија. Но, сепак културата на заборав денес е проблем во пошироки рамки. Наместо култура на паметење создаваме култура на прелистување.

Гевгеличани од пред неколку дена добија ново свртувалиште. Клупа стара, но приказна нова. Илија Џаџев, музичарот, професор, човек-симбол на човечност кој со својата човечка широчина и поглед на свет, со својата хавајска гитара остварил над 6.000 бесплатни концерти, и успеал уметноста да ја доближи до училишта, болници, караули… Вајарот Перо Кованцалиев е авторот на бронзената скулптура која денес во 13 часот, токму пред Театарот во градот и недалеку од куќата каде што живеел Џаџев, ќе биде промовиран. Токму денес е денот на ослободувањето на Гевгелија.

 Како се роди идејата за скулптурата за Џаџев?

– Идејата за негово спомен-обележје е стара веројатно повеќе од дваесет години. Граѓаните во Гевгелија сè почесто говореа за спомен-обележјето на Илија Џаџев во надеж дека општинската администрација ќе успее да издвои средства за негова реализација. Благодарение на заложбите од градоначалникот Андон Сарамандов и општинскиот совет, пред година дена конечно се објави и конкурс за идејно решение на ова спомен-обележје. Имајќи предвид дека често спомен-обележјата за личности ги реализираме со една биста или спомен-плоча, јас бев посебно среќен, бидејќи се бараше скулптурално идејно решение. Џаџев седнат на клупа во природна големина беа насоките од конкурсот. Не може подобро! – си реков. Во истиот миг веќе знаев што треба да правам.
Џаџев седнат на клупа со својот познат инструмент, хавајската гитара во творечки занес, со што симболично ќе ги продолжиме неговите бројни концерти во бесконечна низа. Реалистичниот и фигуративен пристап кон скулптуралната композиција е свесно избран за полесно и подобро да се поврзе со поголем број почитувачи на неговиот лик и дело. Фигуративните споменици се универзално читливи. Тие комуницираат директно без објаснување. Поставен е на самиот плочник со што се овозможува целосна интеракција со публиката, може да се допре, седи покрај него, да биде дел од секојдневниот и урбан амбиент во Гевгелија.

Беше ли голем предизвик за Вас? И како се решивте за бронзата?

– Се разбира. Предизвикот не е само од технички аспект, тој е емоционален и креативен. Уметникот не само што создава форма, туку пренесува идеја, емоција и порака преку материјал кој мора да го оживее. Високите очекувања, исто така, кои доаѓаат од различни страни, публика, критика, нарачатели, но и од мене самиот. Неговиот лик да биде препознаен, делото да биде разбирливо и прифатено. Бронзата е еден од омилените и најкористени материјали за скулптура уште од античко време и тоа не без причина. Таа е комбинација од трајност, убавина и техничка практичност, што ја прави идеална за фигурални скулптури, особено за оние поставени на отворено како во овој случај. Спомен-обележјето е поставено во центарот на градот, близу неговата куќа, поточно на платото пред театарот, во прекрасен архитектонски и хортикултурен амбиент. Место каде се случуваат голем број културни настани.

Имаме ли култура на заборав кај нас, воопшто? Имате ли чувство дека забораваме многу важни луѓе што оставиле печат низ историјата?

– Да, јас би ја нарекол мрзлива култура. Тоа е култура која ги игнорира, премолчува, запоставува создадените содржини и појави од минатото. За среќа, како и во сите сфери на нашето општествено живеење имаме блескави моменти и периоди за паметење одржувајќи еден скромен континуитет од културата за паметење, како што е и овој пример. Но, сепак културата на заборав денес е проблем во пошироки рамки. За разлика од минатото каде имавме недостаток на знаење, денес имаме прекумерно количество информации. Наместо култура на паметење создаваме култура на прелистување. Информациите се менуваат премногу брзо, денес е вест, утре веќе никој не се сеќава. Не смееме да дозволиме да исчезнуваат приказните за луѓето кои вредат и инспирираат.

Што е тоа што во ликот и делото на Џаџев најмногу Ве фасцинира како уметник?

– Илија Џаџев е важен затоа што не е само уметник или професор тој е симбол на човечност, посветеност и културна храброст. Остварил над 6.000 бесплатни концерти, свирејќи на места каде уметноста ретко стигнува во болници, училишта, караули, железнички станици. Покажал дека уметноста не е привилегија, туку дар што треба да се сподели. Користел невообичаен инструмент за времето и за местото, хавајска гитара. Не се плашел да експериментира, да биде различен, и да ги преминува границите на локалното и очекуваното. Тој е човек кој не ги следи само правилата, туку го одел својот пат изнудувајќи насмевки секаде низ светот.

Фото: Борис Каески, Dissans Digital – Гевгелија

 

Сподели