Во Младинскиот културен центар во Скопје отворена е изложбата „Игри без граници“ од уметницата Тина Дрчар од Словенија. Таа се претставува со колажи.
– Како автор и креативна ко-креаторка со критичка мисла и оригинален уметнички пристап, го отсликувам мојот одговорен став кон слободата и природата. Со моите дела го привлекувам вниманието кон перверзиите на нашето заробеништво и недостижноста на моментот на избор што го одредува нашиот сетилен хоризонт. „Игри без граници“ е метафора или парадокс на реалноста на секојдневниот живот. „Колажи-омажи“ се преплетување на постоечки уметнички дела и трансформација на телото на авторот преку фотографскиот објектив на Илија Терах, Андреј Лупинц, Никола Упевче, Тина Дрчар и Чрт Пикси, кои ја портретираа. Во техниката колаж, со почит кон етаблираните уметници и нивните уметнички дела: Миле Корубин, Вемура Шоен, Ирвин Густав Вигеланд, Борис Калин, Анри Русо, Антонио Моро и Хиеронимус Бош. Во низата трансформации на телото и костумот, интервенирам во различните значења на приказните од уметничките дела со мое сопствено реинтерпретирање. Истражувам, преку себе, од искуствата и спознанието до конфликт со светот – вели авторката.
Тина Дрчар (1977) е сликарка и концептуална уметница, самовработена во областа на културата. Во 2004 година дипломирала на Колеџот за уметност и сликарство Art House во Љубљана, под менторство на професорите Марко Бутина и Тања Мастнак. За време на студиите започнува со уметнички интервенции во Метелкова, во сликарско дуо со Бине Скрт, при што најзабележителна е нивната слика на „Мала Шола“, која претставувала и дипломска работа. Во тој период добива простор таму, кој го уредува во ателје, каде што и денес твори. Нејзините дела често се изложувани и препознатливи на ѕидните слики (мурали) во Метелково место. Покрај сликарството, таа се изразува преку различни медиуми и уметнички техники: изработува мозаици, постери, маски, објекти и светлосни инсталации, слика сценографии за театар, а делува и како менторка на ликовни работилници.





