Шаховскиот клуб „Алкалоид“ со врвен тим на Европскиот клупски куп на Родос

Шаховскиот клуб „Алкалоид“ учествува на еден од најважните шаховски настани, 40. издание на Европскиот клупски куп (ЕКК) кој почна вчера на грчкиот остров Родос. Турнирот традиционално се одржува кон крајот на сезоната, но претставува епицентар на шаховските збиднувања. „Алкалоид“ има повеќедецениска традиција на учество на ЕКК и трипати освоил медали – во 2016 година беше шампион на Европа, а во 2017 и во 2024 година вицешампион.

На натпреварот „Алкалоид“ учествува со машки, мешани и женски тимови, а паралелно ќе се игра и 29. здание на женскиот ЕКК, каде учествуваат само женски тимови. Според составот на натпреварувачите, годинава конкуренцијата за највисок пласман на ЕКК е најсилна во последните десетина години.

Пет тима се издвојуваат според просечниот рејтинг на играчите од својот тим: BayeganPendik (Турција) и „Алкалоид“, SuperChess (Романија), Novy Bor (Чешка) и Tuxera (Унгарија).

Yi Wei и Arjun Erigaisi

Според капитенот на „Алкалоид“, велемајсторот Влатко Богдановски, во тимот на клубот има само две измени. Во составот ќе настапат индиските велемајстори Arjun Erigaisi (2797), Chithambaram Aravindh (2711) и Abhimanyu Puranik (2615); кинеските велемајстори Yi Wei (2754) и Yangyi Yu (2720); српските велемајстори Александар Инѓиќ (2618) и Велимир Ивиќ (2628) и македонскиот интернационален мајстор Тони Лазов (2382);

– Erigaisi i Wei се во топ 10 од светската елита, Yu и Aravindh во топ 30, додека Инѓиќ, Ивиќ и Пураник во септември беа во топ 100. Yu има фантастичен настап за „Алкалоид“ на ЕКК со освоени пет медали (три злата и две бронзи) за резултатот на својата табла, додека, пак, на своите први настапи минатата година за „Алкалоид“ Erigaisi на првата табла освои злато, а Aravindh на четвртата табла бронза. Српските велемајстори како репрезентативци на Србија ја освоија европската шампионска титула во 2023, а Инѓиќ следната година стана европски шампион во поединечна конкуренција. За нашиот тим настапуваа и на екипните државни првенства во 2021 (Инѓиќ), односно во 2023 (Ивиќ) година. Првпат за „Алкалоид“ на ова најсилно европско клупско натпреварување ќе настапат Шураник и Лазов – вели Богдановски.

Александар Инѓиќ и Велимир Ивиќ

Оваа постава на „Алкалоид“ првично имал највисок рејтинг (2701) според септемвриската листа на ФИДЕ, но во октомври ситуацијата се променила, па сега турскиот клуб „Бајеганпендик“ е во минимална предност со нешто повисок рејтинг (2711). Минатогодишните ривали, први носители – SuperChess и актуелниот шампион Novy Bor – заедно со другите добропознати и мошне силни клубови од Унгарија, Израел, Азербејџан и од Турција, ја заокружуваат листата на клубови со високи амбиции, но и со подеднакво талентирани шахисти во своите состави. Така, актуелниот светски првак Dommaraju Gukesh (2752) ќе биде дел од тимот на SuperChess, Anish Giri (2.759) ќе го предводи BayeganPendik, а, пак, Vincent Kreymer (2755), кој, исто така, е дел од топ 10 според рејтингот, ќе игра за Novy Bor.

Yangyi Yu

– Нашиот состав е обмислено и соодветно селектиран. „Алкалоид“ доаѓа до најдобрите благодарение на својот сериозен пристап и на посветеноста, кои се манифестираат со длабока аналитичност при изборот и водењето на тимот на ЕКК. Очекувам Пураник да се вклопи во тимот и да го даде својот максимум, со што би го постигнале посакуваното ниво. Како и секогаш, просечниот рејтинг не одлучува и од пракса знаеме дека конкурентите се во ситуација рамноправно да се борат за врвот. Ние секогаш одиме на медал и ретко се случува како минатата година да има две непоразени екипи на крајот од турнирот, но факт е дека и оваа година ќе одлучуваат многу фактори, како на пример моменталната инспирација, свежината… За Лазов е мошне важно неговото шаховско созревање, но и тоа да ја почувствува атмосферата на ова најсилно европско натпреварување. Очекуваме во иднина да ја освои и велемајсторската титула по минатогодишната титула државен првак и по освоениот медал на Олимпијадата на својата табла – вели Богдановски.

Тони Лазов

„Алкалоид“ се вбројува меѓу 10-те најуспешни европски клубови во историјата на овие натпревари. Европскиот клупски куп ќе трае до 25 октомври. Темпото на игра предвидува 90 минути за првите 40 потези, со додавање уште 30 минути.

Сподели