Обичниот човек ми е најголема фасцинација во расказите од „Двојна експозиција“

Пишувањето ми е како арт терапија. Се преиспитуваш, а сето тоа што го пишуваш сакаш да биде привлечно и за самите читатели. Кај секоја уметност доколку не постои момент на идентификација, сето тоа би било ефемерно. Затоа пишувам за обичните луѓе – вели авторот Игор Анѓелков.

Секогаш е убаво кога автор може да се сретне со своите читатели. Вообичаено се вели дека кога книгата ќе се најде во рацете на читателите, таа веќе не е на авторот. „Двојна експозиција“ излезе во декември минатата година, во меѓувреме се случија неколку осврти, рецензии и коментари на читатели и реакциите се убави – рече Игор Анѓелков, на разговорот што беше организиран во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во чест токму на книгата на месецот април. Збирката раскази на Анѓелков е во издание на „Или-Или“.

Разговорот го водеше литературната критичарка Александра Јуруковска, која го претстави творештвото на Анѓелков и отвори многу теми важни за нашата културна сцена. Разговорот беше збогатен со интересни прашања и коментари од публиката.

Анѓелков ја поздрави мисијата на раководството на библиотеката што буквално ја „разигра“ библиотеката, со надеж дека мисијата за средби на македонските автори и читатели да продолжи и во иднина.

„Двојна експозиција“ излезе по неговиот роман „Шрапнел“ издаден во 2020 година и поради ковид-пандемијата, таа книга не беше промовирана воопшто.

– Токму пандемијата за мене беше причината зошто излезе и „Двојна експозиција“ и новиот роман што ќе биде испечатен сега во мај. За мене тој период беше креативен, имав многу време да пишувам, но и да читам – вели Анѓелков.

Збирката се состои од 6 циклуси по 2 раскази, секој со свој наслов кои „даваат ознаки, но не и упатство за читање“, како што подвлече Јуруковска.

– Овие приказни долго тлееја во мене. Имав романсиерски период, предизвикот беше цело време доколку некоја приказна сакам да ја обработам, да биде во жанрот роман, но се собраа приказни што имаа, но и немаа поврзаност. Сите овие приказни требаше да бидат раскази и требаше да ги обработам жанровски. Сакав да опишам еден човечки живот, од детството, па сè до смртта – објаснува авторот.

Станува збор за раскази во кои обичниот човек има главна улога и тоа се приказни во кои секој може да се пронајде.

– Ме интересира таа фасцинација, обичниот човек и секојдневието… И јас се сметам за обичен човек и комуницирам со обични луѓе. Сите ние можеме да измислуваме приказни, но најголемата фасцинација ми е обичната приказна и обичниот човек. Се обидувам да направам пресек на сето она што е живеење овде како Скопје и современиот момент на живеење. Секој град е жива материја и треба да се менува, оти инаку за што би пишувале ние – вели авторот.

Книжарницата како локација често си наоѓа место во книгите на Анѓелков и претставува еден вид мини хронотоп.

– Секој ден сум на смена во „Или Или“. Некогаш тоа е доблест, некогаш е мана. Истовремено треба да размислуваш и како издавач и како автор. Можеби некој следен мој ракопис треба да го посветам повеќе на овој мини хронотоп. Поголемиот дел од читателите ми велат: „Еј, што ти е убаво со сите книги наоколу, се си прочитал“. Се разбира дека не е така. Потребата од муабет со луѓе, во последно време ја задоволувам за време на смената во книжарницата – признава Игор.

„Или-Или“ е основана пред 15 години, а кога започнаа со издавачка дејност, прво беа издавани преводи. Но, еден по еден се редеа домашни автори во едицијата „Проаза“, за која денес Анѓелков вели дека токму македонската литература е побарана отколку преводната.

– Читателите одговорија многу убаво, инспириравме и други издавачи повеќе да издаваат македонски автори и после 15 години, во книжарницата читателите повеќе бараат македонски автори, отколку преводи. Мора да знаеме дека македонските автори воопшто не се помалку квалитетни од европските – категоричен е Анѓелков.

Тој истакна дека за еден писател набљудувањето е многу важно. После неговите три филмолошки книги, Анѓелков вели дека на некој начин ја забаталил прозата.

– Како старееш, почнуваш да размислуваш за сето она што си ти, зошто си тука каде што си, како си дошол до тој момент и секако дека сите тие семејни приказни, лични односи со пријатели се предизвик да ги претвориш во проза, во книжевност. Пишувањето ми е како арт терапија. Се преиспитуваш, а сето тоа што го пишуваш сакаш да биде привлечно и за самите читатели. Сметам дека кај секоја уметност доколку не постои момент на идентификација, сето тоа би било ефемерно. Затоа пишувам за обичните луѓе – вели Анѓелков.

Тој им посочи и на македонските режисери дека треба повеќе да се свртат кон домашните автори кога прават сценарија, а за себе во наредна фаза од творештвото посакува да може да излезе надвор од македонскиот јазик и да биде преведен и на други јазици.

– Веројатно овој настан е еден од тие острови што треба да ги поддржеме. Медиумски ми се чини дека нема редакции за култура во македонските медиуми. Сето останато е базирано на ентузијазам и на мускули. Затоа ми се чини дека треба да продолжиме да работиме. Сепак го сакаме ова што го работиме и сме во предност на другите колеги и сите што сакаат да практикуваат култура. Не сме можеби многу видливи итреба да работиме на случајот. Но, живи сме, оставаме дела зад нас – истакна Анѓелков и се заблагодари на Снежана Стојчевска, директорката на библиотеката за поканата и за самата идеја за средби со авторите.

Сподели