Христијан Стојанов сака да биде библиотекар, да танцува, да плива, да освојува медали

Кико многу се радува кога може да оди на пракса во библиотеката во ОУ „Димо Хаџи-Димов“ каде што заврши основно образование и се радува на секоја нова научена работа, вели неговата мајка Лидија

21 Март е Светски ден на лицата со Даунов синдром. Умно.мк секогаш поддржува луѓе чии приказни се инспиративни со тоа што го прават и како се борат со предизвиците во животот. Христијан Стојанов неодамна наполни 25 години и живее во Скопје. Тој е студент на Факултетот за библиотекарство при Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Сака да танцува, да плива, да се дружи, да чита, да се дружи со сестра си.

Христијан беше еден од 20-темина лица со интелектуална попреченост кои беа вклучени во фотоизложбата „И јас сум тука“, која беше поставена во Кинотеката, а од која беше објавена и книга.

Камерата многу го сака Кико. Речиси и не требаше да позира пред нашиот фотограф. Секогаш ведар и позитивен, Христијан е упорен млад човек. Не се плаши да оди на испити, некогаш е подобро, а некогаш не е доволно подготвен. Вели дека има добри колеги што му помагаа во изминатите години. Ковид-пандемијата си го зема својот данок и затвореноста по дома му влијаеше и на студирањето и на мотивацијата, па морал да пише и квадрат на трета година.

Христијан ја има среќата да ја има својата сестра Марија, која е неговиот ангел, му помага во сè што му треба. Таа го води низ животот. Вели дека не му пречело тоа и дека убаво му дошло седењето дома. Не му било проблем и со наставата, особено што тие се мала група колеги и имаат добра комуникација.

Кико има многу интереси и хобија. Сака да танцува со своите пријатели во клубот „Dancers United“, до пред короната одеа често по натпревари од каде што редовно се враќаат со медали. Предминатата година, токму на 10 март вечерта се вратија од Москва и наредниот ден во Македонија сè беше затворено поради вирусот. Тој роденден Христијан нема никогаш да го заборави. Сестра му Марија вели дека имал разбирање за ограничувањата со короната и не давал отпор за да носи маска. Имале онлајн-проекти и се вклучувале. Си правеле караоке-забави, наоѓале начини да не се заборават.

Во училиштето каде што тој заврши основно училиште во „Димо Хаџи-Димов“ неколку месеци оди на пракса во училишната библиотека. Неговата мајка Лидија Стојанова вели дека со голема поддршка го примиле за оваа активност и дека наскоро повторно ќе се врати.

– Тој многу се радува кога може да оди на пракса во библиотеката и се радува на секоја нова научена работа. Исто така повторно го посетува Центарот за Даунов синдром три пати неделно. Убаво е што го земаат од дома, може колку толку да се социјализира, да излезе од дома. Короната многу им наштети на Кико и на децата како него. Тој многу сака да плива и наскоро повторно ќе се врати на базен. Од седење дома и се попрви, му треба физичка активност. Исто така и танцот, ама терминот им е во петок, а тогаш младите излегуваат многу и со автобус е гужва – вели мајка му Лидија.

Дали ковид-пандемијата и затвореноста влијаеле на него/ Мајка му вели дека таа посебно забележала промена во однесувањето, иако можеби тој самиот не кажувал.
– Тој многу не се жали во короната, ама јас забележувам дека има промени, потешко зборува, се затвора во себе. Тој е трета годона на факултет, пиша квадрат и малку и тоа го разочара. Наставата им е одвива менторски, немаат предавања и има мала интеракција со колегите – објаснува Лидија.

Поп-музиката од 90-тите години на минатиот век му е омилена. Многу ја сака групата „Eiffel 65“, а од македонската музика – пејачот Тоше Проески и групата „Ареа“. Христијан многу сака да јаде грав, чита списанија за автомобили, а сака да чита и историја и памети факти. Анисија од основно школо сè уште му е симпатија. Сака да го шета и своето куче лабрадор. Кико сака да гледа и филмови, а „Титаник“ му е омилен.

Во чест на денот, а во организација на ФК „Карпош“, токму денеска во Кавадарци ќе одиграат пријателски натпревар и ќе го одбележат денот на Дауновиот синдром.

Фотографии: Тоше Огњанов

Сподели