Холандскиот режисер и фотограф Антон Корбајн – лауреат на „Скопје синема сити 2025“

Холандскиот режисер и фотограф Антон Корбајн е лауреат на 11. издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити 2025. Наградата за животно дело ја добива за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот. „Скопје синема сити 2025“ ќе се одржи на 29 и 30 октомври во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Земја во фокус годинава е Холандија.

Свеченото отворање ќе биде со култниот филм на Корбајн – „Контрола“ (Control, 2007), биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд Џој Дивижн ( Joy Division), кој го обележа звукот на една генерација.

– Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата – велат од „Скопје синема сити.

Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез-клуб Бимхаус во Амстердам, краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.

Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во Јавна соба ќе биде отворена фотографската изложба „Географии, лица и улици“ на Ненад Георгиевски која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката. „Скопје синема сити 2025“ е поддржан од холандската амбасада во Македонија и од Министерството за култура и туризам. Дизајнот на плакатот за 11. издание на фестивалот е на Милица Коцева.

Сподели