Битолски театар со „Железно небо“ на Марјан Георгиевски гостува на фестивал во Албанија

Народниот театар од Битола со авторската претстава на „Железно небо“ на Марјан Георгиевски денеска ќе гостува на првото издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Verbum Est – Është Fjala“ што се одржува Поградец, Албанија. Во претставата настапува Марјан Георгиевски, а гласовите се на Јасмина Василева, Марко Богдановски, Марија Стефановска, Невена Ѓаковска. Покрај Македонија на фестивалот учествуваат монодрами од Италија, САД, Косово, Албанија, Украина, Колумбија и од Шпанија.

Георгиевски заедно со Александар Димовски го создаде овој “cinema theatre”, користејќи повеќе алатки кои ги пружа театарот и филмот.
– Се работи за приказна за еден Балканец, за сè она што му е обесено на вратот, за неостварените мечти, за зацапаноста во малограѓанштината, за соништата кои не можат да се остварат. За тоа кога сме притиснати до ѕид – како животни, кога немаме друг избор освен да го земеме животот во сопствени раце – велат од театарот.

Дизајнот на звук и музика е на Александар Димовски, видео-оператор е Владимир Переловски, а фотографијата на плакатот Сашо Илковски.

Сподели