Со култниот филм на холандскиот режисер и фотограф Антон Корбајн вечерва во 19 часот во киното „Фросина“ ќе биде отворено 11. издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити 2025“. Корбајн е годинашен лауреат, добитник на наградата за животно дело ја добива за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот. Земја во фокус на фестивалот годинава е Холандија, а фестивалот ќе трае два дена.
„Контрола“ (Control, 2007), е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк бенд „Џој дивижн“ ( Joy Division), кој го обележа звукот на една генерација.
– Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на Joy Division, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата – велат од „Скопје синема сити“.
Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез-клуб „Бимхаус“ во Амстердам, краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска и „Македонски дневник во рими“, проект на „Види Вака“ кој го истражува светот на домашниот хип-хоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во „Јавна соба“ ќе биде отворена фотографската изложба „Географии, лица и улици“ на Ненад Георгиевски која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје синема сити 2025“ е поддржан од холандската амбасада во Македонија и од Министерството за култура и туризам. Дизајнот на плакатот за 11. издание на фестивалот е на Милица Коцева.





