„Хероини“ или зошто Александар Поповски му фали на македонскиот театар?

Претстава на Александар Поповски ќе гостува во Македонија – тоа секогаш е добра вест. Радост е кога странски ансамбли ќе ни дојдат на гости, без при тоа да ги потценуваме нашите театри. Словенечките актери секогаш носат нешто ново, возбудливо, светско, естетика поразлична, современа.

„Хероини“ на Словенско местно гледалишче што гостуваше синоќа во Драмскиот театар, на фестивалот РУТА Група Триглав, е бисер што и тоа како ù недостига на македонската публика. Долг стоечки аплауз и овации беа наградите за посветените актери, кои имаа исклучително тешка задача. Публиката е жедна за нешто ново, посебно по мачната ковид-пауза од речиси три години во која македонскиот театар изгуби многу, а публиката најмногу.

Овидиј ги засновал „Хероини“ врз делата на Хомер, Вергилиј, Хорациј, Сафо и врз писмата на познати и помалку познати хероини од грчките митови што ги пишувале до мажите на нивните животи, кои ги отфрлиле или изневериле. „Хероини“ на Александар Поповски е современа повеќе од што може да замислите. Интересно е на колку суптилен начин режисер маж успеал да направи една претстава со силен женски глас. Девет маестрални актерки и еден актер од СМГ ни ги отворија темите на насилството, војната, неверството, иако извадени од антиката, поактуелни никогаш порано.

Минимална сценографија за која се погрижи режисерот Поповски, прекрасни костими на Миа Поповска, музиката на Кирил Џајковски… ù дадоа целосен впечаток на претставата.

Режисери како Александар Поповски се повеќе од неопходни за да го воскреснат, да го поткренат нивото на македонскиот театар. Неговото отсуство, за жал, со право е присутно и за тоа треба добро да се подразмислат менаџерите на македонските театри.

Сподели