Хеда Габлер е женскиот Хамлет – прв пат во Драмски театар во режија на Васил Христов премиерно в сабота

Премиерата на претставата „Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен, а во режија на Васил Христов, е закажана задутревечер (20 април) во 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар во Скопје. Класичниот текст на Ибзен доби нов живот со адаптацијата на Викторија Рангелова-Петровска и режисерот Христов, кој се погрижи и за сценографијата, а костимите се на костимографката Розе Трајчевска-Ристоска.

Насловната улога ја толкува Сања Арсовска, а таа ќе ја дели сцената со неа: Зоран Љутков, Владимир Петровиќ, Дениз Абдула и Сара Климоска.

Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајќи уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената, така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“ – вели режисерот Христов.
За него овој текст одамна бил желба да го постави на сцена и е благодарен на можноста тоа да го направи со актерската екипа со која работеше.

– Јас не знам друга актерка како Сања Арсовска и во европски театри што би одговарала повеќе за улогата – посочи Христов.

Актерката Сања Арсовска го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата и ја искажа благодарноста кон режисерот што ù ја доверил улогата со што ù се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература.

– Отсекогаш посакував да ги играм Хеда Габлер и Медеја, еве ми се исполни за Хеда, за Медеја веројатно ќе треба да почекам. Особено ме радува што Хеда Габлер ми се случува во овој момент. За некои улоги е потребно да се има како актерска зрелост, така и животно искуство. Мислам дека нема подобар момент. Не би сакала за зборувам за улогата на жената во општестввото, туку за емотивната состојба на жената предизвикана од општествените стеги. Хеда Габлер ја идентификуваат како женскиот Хамлет со сите дилеми кои ги носи во себе. Направивме еден доста модерен, етстетски специфичен јазик – вели Арсовска и додаде дека Ибзен би бил љубоморен на одличната драматизација.

Следната изведба на „Хеда Габлер“ на репертоарот на Драмски театар е на 26 април.
За тројца од актерите во претставата ова ќе биде прва претстава откако официјално се дел од ансамблот на Драмски. Тоа се Сара Климоска, Дениз Абдула и Владимир Петровиќ. Тие се среќни што можат да играат во вака важен и комплексен проект, но се особено благодарни на поискусните колеги за дадената поддршка.

Љутков нагласи дека жали што недостигаат нови македонски драмски текстови, но радува и новото читање на класиците, како што е случајот со „Хеда Габлер“.

– Направена е тотално приемчива драматизација од која се добива впечаток како да е нов текст напишан од автор денес – рече Љутков.
Актерката Сара Климоска издови дека одамна ја следи работата на Христов, особено ја почитува естетиката и темите што ги работи и не би имала подобар почеток во ансабмлот на Драмски, да не беше оваа претстава.

Сподели