Постхумна награда „Светско културно наследство“ за Вангел Наумовски на Остен биенале 2024

Гран при за животно остварување на Остен биеналето 2024 година го доби италијанскиот уметник и теоретичар Микеланџело Пистолето. Тој е ден од основачите и главен протагонист на Арте повера, радикално италијанско уметничко движење од минатиот век, чии уметници истражуваа низа неконвенционални процеси и примена на нетрадиционални „секојдневни“ материјали.

Наградата „Светско културно наследство“ му се доделува на Вангел Наумовски, еден од најголемите македонски ликовни уметници кого теоретичарите го сместуваат во редот на самоуките надреалистички сликари – сосема пригодно да се оддаде почит на неговото творештво по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1924 – 2006) и 100-годишнината од надреализмот (1924 – 2024).

Земја во фокус на Биеналето ќе биде Италија.

-Веќе сме во соработка со Лина Дамијани, координаторот за Италија која ќе анимира италијански уметници, а соодветна најава на оваа одлука е организирање на изложбата „Тркало на времето“ од извонредниот италијански уметник Марко Бањоли, која Остен биенале Скопје ја организира во Чифте амам од 23 април до 5 мај во соработка со својот партнер „Зеринтија – Асоцијација за современа уметност од Рим, а со поддршка на Италијанскиот институт за култура и Италијанската амбасада Скопје.

Остан биеналето веќе го распиша повикот за пријавување уметници, што ќе биде отворен до 31 мај. Потоа ќе следи селекција за што ќе биде задолжена Корнелија Конеска, а жирито ќе биде во состав: Бруно Кора од Италија, Пик Кеобандит од Белгија, Маја Колариќ од Србија

Од оваа година, ОСТЕН БИЕНАЛЕ започнува со проширена уметничка програма во рамките на Биеналето, која ќе се одвива во Чифте амам паралелно со официјалната изложба на почетоткот на 2025, а во ко-организација со нашиот стратешки партнер – ОКСА проекти.

– Како резултат на нашето стратешко партнерство, ние, ОКСА проекти (OKXSA Projects) Европската асоцијација за интеракција и соработка во образованието, културата и спортот и ОСТЕН АРТ Скопје веќе сме соработувале на меѓународни проекти како што беше изложбата „Уметноста го обединува светот“ која се одржа 20 мај – 24 јуни 2023 година (со почеток за време на отворањето на Биеналето Венеција Архитектура 2023); Уметничкиот форум „Исток-Запад“ што се одржа за време на отворањето на BRAFA (Бриселски саем за уметност 2024) на 26 јануари 2024 година, и други проекти… – вели претседателката на организацијата Оксана Ж. Бого.

Сподели