Со концертот „Кооперација сешн“ во селото Смилево, националнатa установа „Денови на Смилевскиот конгрес“ неофицијално почна да ја одбележува истоимената централна манифестација која ќе се одржи идниот месец. Директорот на установата, Владимир Деловски, вели дека називот на концертот е поттикнат од значењето на постојаната соработка на уметниците и културните работници преку која се оддава почит на традицијата и на македонската историја.
– Кооперацијата е како културна институција, како белег од минатиот век, ми се чини како познат извик од времето на моите родители, како повик кон ближен човек, што на истите струни ги произведува истите треперења. Новиот културен Смилевски конгрес, калем на историската вредност и прилагоден во новиот контекст и време, ја продолжува истата таа борба, овој пат културна борба – рече Деловски пред публиката.
Според него, музичките настани кои се организираат во чест на Смилевскиот конгрес се своевидна културна револуција со израз на авторската уметност. На првиот концерт од серијата „Кооперација сешн“ настапија мистичната и харизматична „Мојра“ со маестралниот Оливер Јосифовски („Љубојна“). Меѓу присутните беа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир и многу други.
Централната манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе се одржи на 17 и 18 мај во Смилево.





