Промоцијата на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска неделава се одржа во „Јавна соба“ во Скопје
Кога ја земав в раце „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ се почувствував како Амели Пулен, која во еден јавен тоалет наоѓа мала кутија со сите спомени на едно момче. Во оваа книга ги најдов сите спомени на Ана што ги собира сиве овие години. Од 1991 со распаѓањето на Југославија, ништо не ù значеше толку како културниот живот во оваа земја, рече режисерката Ана Опачиќ на промоцијата на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ која неделава се одржа во „Јавна соба“ во Скопје. Луѓе од филмскиот свет, од културниот живот во земјава, љубители на филмот и филмската уметност ја наполнија летната тераса каде настапија „Гоце Стевковски квартет“ во состав: Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Филип Динев и Кирил Кузманов кои многу придонесоа за опуштената и убава атмосфера.
Кирил Кузманов, Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Филип Динев (од лево кон десно)
Опачиќ рече дека книгата дава сугестија, во ниту еден момент не критикува.
– Ќе видите со колква љубов е напишана книгата. Овој збор најчесто провејува низ содржината. Нема тенденција да ја валоризира македонската кинематографија, туку дава пресек не сè што е направено. Сега оваа книга веќе не е само книга на Ана, туку на сите нас. Секој треба да ја има во домашната библиотека. Апелирам да биде преведена на англиски јазик за да можат и странците да видат еден пресек на македонската кинематографија – рече Опачиќ.
Режисерот Пејовски рече дека две прашања го преокупирале додека ја читал книгата – колку сме оптоварени со информации во секојдневието и колку многу филмови биле снимени во Македонија во изминатите три децении.
– Сум заборавил колку многу се. Затоа оваа книга е исклучително важна за нас. Никој не може да ви каже што значи македонската кинематографија. Ние постојано велиме дека македонскиот филм од 1991 до денес постојано лута и сè уште го зборуваме тоа. Нема да најдеме пример како македонската кинематографија во регионов. Нашата е најхистерична, со многу контрадикторности. Но, затоа има многу успех. Имаме 3 номинации за „Оскар“! Проблемот не е во македонската кинематграфија, туку во културните политики сиве овие години – рече Пејовски.
Василевска се заблагодари на сета поддршка, на издавачот „Македоника“, на Агенцијата за филм, особено (постхумно) на поранешниот директор Горјан Тозија, на рецензентката Ана Кубин, на Ника Гавровска и „Гаврош“ за графичкиот дизајн. Таа нагласи дека книгата содржи сведоштва, новинарски оспервации, мала компаративност со патот кој го минале и европските кинематографии. Книгата вклучува и текстови на филмологот Атанас Чупоски и на филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре. Книгата е илустрирана со плакатите од филмовите, што претставува нивна прва систематизирана објава на едно место, а вклучени се сите достапни плакати во архивата на Кинотеката.
Ана Василевска (Скопје, 1975 година) е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје. Со професионално новинарство насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Авторка е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ од 2016 до 2019 година.
Даријан Пејовски, Ана Опачиќ и Ана Василевска
Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција. Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019-2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга. По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.