Вкупно 37 преведувачи од 16 издавачки куќи и едно приватно издание се номинирани за наградата „Драги“ што ја доделува „Антолог“. Тричлената комисија која ќе одлужува за добитникот на годинашната наградата за најдобар превод на македонски јазик ја сочинуваат: Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на патронот Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач). Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.
Ова се кодинашните кандидати за наградата:
– Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од Миѓен Келменди, во издание на „Темплум“.
– Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“.
– Ацо Пероски за преводот од англиски јазик на „Далеку од Ирска“ од Вилијам Тревор во издание на „Или-Или“.
– Билјана Китановска за преводот од српски јазик на „Прелест“ од Филип Грбиќ во издание на „Перун артис“.
– Бисера Бендевска за преводот од англиски јазик на „Ноќта пред Божиќ во земјата на чудата“ од Карис Бексингтон во издание на „Арс Ламина“.
– Василија Теофилова за преводот од англиски јазик на „Деана (Оние што не се гледаат)“ од Норма Данинг во издание на „Полица“.
– Виолета Јагев за преводот од шпански јазик на „Невидлив“ од Елој Морено во издание на „Антолог“.
– Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли во издание на „Антолог“.
– Дарко Спасов за преводот од словенечки јазик на „Стаклени пламени“од Цветка Бевц во издание на „ИД-Концепт консалтинг и дизајн“.
– Дејан Василевски за преводот од српски јазик на „Капут од мов“ од Стефан Тиќми во издание на „Арс Либрис“.
– Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Санг“ од Пелегрино Артузи во издание на „ПНВ Публикации“.
– Ѓургица Илиева-Нацкова за преводот од англиски јазик на „Мачкино око“ од Маргарет Атвуд во издание на „Антолог“.
– Елизабета Линднер за преводот од германски јазик на „Избрана поезија“ од Софи Рајер во издание на „Арт Еквилибриум“.
– Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак во издание на „Арс Либрис“.
– Звонко Димоски и Наташа Забрчанец за преводот од турски јазик на „Не кажувај никому“ од Гонџа Озмен во издание на ЗРР Локална Акциона Група Агро Лидер Кривогаштани.
– Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“.
– Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на „Бегемот“.
– Игор Котески за преводот од англиски јазик на „Брачниот портрет“ од Меги О’Фарел во издание на „Арс Ламина“.
– Илир Ајдини за преводот од албански јазик на „Нема мапа за удавените“ од Ариан Лека во издание на „Перун артис“.
– Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земја по абажур“ од Драгослав Дедовиќ во издание на „ПНВ Публикации“.
– Јордана Шемко-Георгиевска за преводот од албански јазик на „Записите на црвот смолински“ од Азем Делиу во издание на „Перун артис“.
– Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман во издание на „Артконект“.
– Катица Гаровска-Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров во издание на „Полица“.
– Ксенија Чочкова за преводот од германски јазик на „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер во издание на „Арс Либрис“.
– Лара Прокопиева за преводот од шпански јазик на „Во понеделник ќе нè сакаат“ од Наџат ел Хачми во издание на „Антолог“.
– Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Сите војни на Лара“ од Војќех Јагелски во издание на „Славика либрис“.
– Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“.
– Максим Каранфиловски за преводот од руски јазик на „Во спомен на спомените“ од Марија Степанова во издание на „Бата Прес“.
– Марија Гиревска за преводот од англиски јазик на „Џакомо Џојс“ од Џејмс Џојс во издание на Марија Гиревска.
– Милица Миркуловска за преводот од полски јазик на „Гласот на Господарот“ од Станислав Лем во издание на „Антолог“.
– Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.
– Никола Маџиров за преводот од англиски јазик на „Арарат“ од Луиз Глик во издание на „Артконект“.
– Сања Михајловиќ-Костадиновска за преводот од шпански јазик на „Книга од соништа“ од Хорхе Луис Борхес во издание на Бегемот.
– Сашо Огненовски за преводот од српски јазик на „Деца“ од Милена Марковиќ во издание на „ПНВ Публикации“.
– Снежана Стојчевска за преводот од српски јазик на „88″ од Надија Реброња во издание на „ПНВ Публикации“.
– Томе Сиљаноски за преводот од англиски јазик на „Вистина“ од Том Филипс во издание на „Арс Либрис“.





