Годишна изложба на ДЛУМ во „Мала станица“

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Ќе бидат изложени дела од членови на уметничката асоцијација, настанати во последнава година. Ќе учествуваат 55 автори, членови на ДЛУМ кои ќе се претстават во категориите сликарство, скулптура, графика и нови медиуми.

Од ДЛУМ велат дека годишните или ревијалните изложби на македонските ликовни уметници отсекогаш претставува голем културен настан во нашата средина.
– Нема македонски ликовен уметник кој не учествувал на тие ревијални изложби, почнувајќи од првата таква изложба во далечната 1945 година, па сè до денес. За да ја задоволиме желбата на сите членови еднаш годишно да ги изложат своите дела на заеднички настап, без критериумот на селективност, ја организираме оваа ревијална изложба. Вака се враќа една убава пракса, кога секој уметник да биде свој арбитер – велат од Асоцијацијата.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерство за култура.

Сподели