„Годар: човекот-филм“ вечерва во МСУ го најавува Филозофскиот филмски фестивал

Во Музејот на современата уметност во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Годар: човекот-филм“ во режија на Сирил Лоти. Проекцијата е најава на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, што ќе се одржи од 2 до 9 јуни во Кинотеката, а фокусот ќе биде врз творештвото на големиот француски режисер.

Годинешната максима на филмот, „Сè e филм, во множина“, на ниво на синтакса, повторува една Годарова постапка: брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини и сосема посакуванa.
Режисерот на филмот „Годар: човекот-филм“, Сирил Лоти, вели дека „она што најмногу привлекува и мотивира кај Годар е тоа што тој допушта сè: ги ослободува режисерите да бидат смели, да експериментираат, да ги предизвикуваат навиките“.

Маршрутата на Годар следи само една насока: постојано обновување на својата уметност. Креативниот чин го гледа како неопходен чин на критика и деконструкција. Годар во една прилика ќе рече: ‘Секогаш поаѓам од негативното. Јас сум позитивен човек кој тргнува од негативното.’ Уметник кој неуморно се преосмислува и кој неизбежно се уништува. Документарниот филм којшто ќе биде прикажан во МСУ е видео-портретот кој нè носи подалеку од клишеата на митот којшто некогаш станува и карикатура, за да сретнеме човек посентиментален отколку што изгледа, човек опседнат, а понекогаш и надминат од својата уметност.

„Годар: човекот-филм“ беше премиерно прикажан во програмата Филмски класици (Venice Classics) на Венецискиот филмски фестивал во 2022 година.

Во рамките на ова фестивалско издание е предвидено да бидат прикажани околу 40 филмови, 50-тина настани, ќе има 18 домашни и странски гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ којашто ќе се одржи во онлајн формат (25-ти и 26-ти мај).

Богатата фестивалска програма е организирана во: Ревијална програма: филм-философија реализирана во партнерство со МЕДИА Деск Мк, двете компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Придружна програма (со Фокус Годар), Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти.

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура, во соработка со Кинотеката, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадите на Шпанија и на Полска во Скопје, Музејот на современата уметност Скопје (ФФФ@МСУ), како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.

Фото: Anne Wiazemsky

Сподели