Гледајте го онлајн „Мајки“ на Манчевски

Во чест на 8 Март, празникот на жената, режисерот Милчо Манчевски го подарува филмот „Мајки“ на својата публика. Филот може да се гледа на интернет-платформата Вимео, на следниот ЛИНК.

„Мајки“ ја имаше својата премиера во 2010 година и беше македонски кандидат за номинација за „Оскар“ на 83. доделување на наградите. Филмот е триптих, во чиј состав влегуваат три различни и една од друга сосема независни приказни. Првата приказна се одвива во Скопје, а во фокусот се две деветгодишни девојчиња, кои решаваат да пријават манијак во полиција, иако воопшто не го виделе. Поради нивната лага, полицијата приведува невин човек.

Втората приказна се одвива во Мариово: новинарска екипа, составена од новинар, камерманка и снимач на звук, снима документарен филм за животот во напуштените села во Македонија. Така, тие се среќаваат со единствените жители на едно напуштено село – брат (го игра Билал) и сестра (ја игра Радмановиќ) на околу 80-90 години, кои се скарани од нивната младост и кои не попуштаат да се помират и покрај тоа што се целосно осамени и во селото и во животот. Дури кога братот умира, старата и немоќна сестра, со помош на камерманката (ја игра Стојановска), се обидува да му ископа гроб во тврдата земја.

Третата приказна е фактографска и овој дел од филмот е со документарен карактер. Станува збор за приказна за познатиот македонски сериски убиец – новинарот Владо Танески од Кичево, кој бил осуден за силување и убиство на пензионирани чистачки. Притоа, се прикажуваат искажувањата на блиските роднини и пријатели на жртвите, но и на сопругата на Танески.

Филмот „Мајки“ беше сниман на повеќе локации низ Македонија: Скопје, Мариово, Кичево, Тетово и Гостивар.

Сподели