Документарниот филм „Модна ревија: Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског ќе биде прикажан утревечер во 20 часот во Кинотеката. Станува збор за особено популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк.
Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског. Улогите ги толкуваат: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон и др.
Секој гледач ќе добие подарок – книгата „Не престанувајте да се гушкате“ на Оса Елмрот – книга со цитати и мудри мисли на актерите од театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска.

Театарот „Глада Худик“ е основан во 1996 година од Пер Јохансон, кој смета дека секој од нас треба да биде продолжена рака на луѓето што имаат некаква попреченост. Актерите во овој театар се вистински ѕвезди во Шведска и помогнале многу во борбата со предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост.
Проекцијата на филмот „Модна ревија: Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ е во рамките на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, инициран од „Глада Худик“, а поддржан од Шведскиот институт.
Филмот ќе биде прикажан и во сабота во 18 часот, а влезот е слободен.





