„Геном апотеза на линијата“ – изложба на Ана Димчевска Семенпеева и Виктор Семенпеев во Гостивар

„Геном апотеза на линијата“ е насловот на заедничката изложба на Ана Димчевска Семенпеева и Виктор Семенпеев, што ќе биде отворена утревечер во 20 часот во Домот на културта АСНОМ во Гостивар. Ќе бидат изложени 30-ина дела, а изложбата ќе трае една недела. На отворањето за делата на Семенпееви ќе говори режисерот и писател Илија Ико Каров. Изложбата ќе ја отвори Ход Мифтари, директор на Домот на културата. Организатор на изложбата е Арјан Руфати.

– Делата се работени за време на главните сесии на графичката работилница „Софија“ – Богданци. Станува збор за графики работени во: бакропис, акватинта, линорез, серигрфија. Заеднички мотив се нашите две деца, кај мене се јавуваат посуптилно (отпечатоци на нивните дланки и стапала), а кај Виктор се и поексплицитни, дури со ликови – вели Димчевска-Семенпеева.

Виктор Семенпеев е визуелен автор кој се изразува во стилските особености на графика. Неговите ликовни намери се пресликуваат од рефлективна во конкретна состојба на видливото и можното дејствување. Елементите на очигледното во уметничката интерпретација се намерно или целосно отфрлени, а со тоа создава еден модерен и пост-концептуален стилски компонент на графичкиот израз. Низ емпириско спознавање го конструира стилскиот концепт, а со тоа имплементира целосно субјективниот израз во ликовна посебност со силно акцентиран печат на нов визуелен јазик.

Во дел од ликовните дела на Семенпеев е исклучена наративната состојба, која е целосна присутна во појдовниот импулс за креирање, и на ваков начин го надминува воспоставениот код на графичкиот израз во стилска композиција како архетип на препознавање. Исполнетата плоха е само илузија на видлива целост, која истовремено е негирана од ахроматски тоналитет, каде намерно се исклучени својства на воспоставени ликовни елементи.

Авторската уникатност на Семенпеев е видлива во интердисциплинарнoто создавање на дела во бакропис, сито печат, акватинта па се до дигитално креирање на ликовни елементи во графика.

Ана Димчевска Семенпеева дипломирала на Факултет за ликовни уметности, на отсекот графика со потсмер конзервација и реставрација на штафелајно и ѕидно сликарство. Следела стручни доусовршувања во Мањц, Минхен, Задар, Љубљана, Тирана, а учествувала на стручни истражувања на Исар сл.Марвинци- Валандово, Римски град Стоби, Музеј на град Неготино, Учество во тимско истражување Хисар сл. Црешка Штип и други.

Димчевска-Семенпеева учествувала на повеќе групни излоѓжби. Годинава учествуваше на групната изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовни уметности на Макеоднија. Таа беше организатор и учесник на изложбата на графики изработени во рамките на Графичката работилница Софија во Домот на култура „Бранд Петрушев“.  Учествувала на Интеранционално графичко биенале во Музеј на град Скопје, каде освоила трета награда. Годинава изработи мурал во Градски парк во Богданци. Имала самостојан изложба „Зигот“ во Куршумли Ан – Скопје.

Изложбата „Геном – апотеоза на линијата“ е поврзување на досегашното творештво на авторката кое се движи од графички израз што ги оцртува нејзините почетоци, па сѐ до постојните интереси кои се во својствата на скулптурата. Иако се работи за различни медиумски пракси, кај Димчевска – Семенпеева тежнеењето за создавање на комплексно движење и ритам се воочува во графиката, но е сѐ поизразено во скулптурата. Динамиката во графиките ја постигнува низ линија која е во постојана потрага низ просторот, додека ритамот го надополнуваат шематски прикази на полни елементи кои создаваат набој и поврзаност, пишува Вероника Камчевска.

Сподели