„Гласот на минатото“ – скулптура што раскажува приказни од Озбек Ајваз ќе биде изложена вечерва во 20 часот во Мобилна/Монтажна галерија, во Паркот на франкофонијата во Скопје.
Делото претставува уметнички потсетник на едно време кога читањето весници беше секојдневен ритуал, а вестите се примаа со трпение, внимание и доверба во изворите. Со својата форма и порака, скулптурата ја оживува културата на внимателно информирање, која денес сè повеќе исчезнува под притисок на онлајн медиумите, социјалните мрежи и инстант информациите.
– „Гласот на минатото“ не само што нè враќа во еден поинаков медиумски контекст, туку и предупредува за ризиците од брзината на современото информирање – полувистини, лажни вести и дезинформации што често се шират без проверка – велат организаторите, Центарот за современи уметности.
Ајваз (1999, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсек вајарство со модул сценографија, под менторство на професорите Жарко Башески и Беди Ибрахим. Моментално е на магистерски студии на истиот факултет, отсек вајарство, под менторство на Башески.
Неговото творештво се карактеризира со скулптури изработени претежно од рециклирано железо, во апстрактни и геометриски форми, под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.
Во 2023 година, во Паркот на франкофонијата, ја реализира својата прва самостојна изложба „Мрак“. Од 2019 до 2025 година учествува на повеќе групни изложби, симпозиуми и ликовни колонии во Македонија, Турција, Косово и Црна Гора. Добитник е на наградата за надежен млад уметник (Истанбул, 2021) и на наградата „Шампион на мирот“ (Regional Youth Cooperation Office – RYCO, 2024), финансирано од Германското федерално министерство за надворешни работи. Од 2023 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).





