„Гласот на минатото“ синоќа нè врати во времето, во еден поинаков контекст кога сите се информираа преку весници, а информациите беа вистинити. Скулптурата што раскажува приказни од уметникот Озбек Ајваз, откриена пред Мобилната/Монтажна галерија, во Паркот на франкофонијата во Скопје предупредува за ризиците од брзината на современото информирање, неконтролирано ширење на полувистини, лажни вести и дезинформации што често се шират без проверка. Стотина луѓе синоќа дојдоа на изложбата, седнаа на клупата и со задоволство се фотографираа.

Ајваз (1999, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсек вајарство со модул сценографија, под менторство на професорите Жарко Башески и Беди Ибрахим. Во моментот е на магистерски студии на истиот факултет, отсек вајарство, под менторство на Башески.






