Неколку уметнички галерии во Македонија, само една национална

Националната галерија на Македонија е единствената институција од овој вид каде се чуваат вредни уметнички дела и колекции заштитени со Закон и нејзина основна дејност е музејската и заштитата на културното наследство

Во Македонија постојат неколку уметнички галерии, но најголем дел од нив вршат галериска дејност. Во нив се отвораат времени изложби на уметници, камерни концерти, едукативни работилници и слично. Националната галерија на Македонија е единствената институција од овој вид каде се чуваат вредни уметнички дела и колекции заштитени со Закон и нејзина основна дејност е музејската и заштитата на културното наследство.

„Националната галерија на Македонија е основана во 1948 година и е најстара ликовна институција од ваков тип во Република Македонија. Сместена е во културно-историскиот споменик на исламската профана архитектура, Даут-пашиниот амам. Објектот е составен е од машки и женски дел со вкупна површина од 900 квадратни метро, а го изградил Даут Паша во втората половина на 15 век“ – пишува на интернет-страницата на галеријата.

Даут-пашин амам / Фото: Фестивал „Литера’

Во 1948 година била извршена првата реставрација и адаптација на амамот и неговата пренамена во Уметничка галерија каде се удомила Уметничката галерија „Скопје“. Од 1979 до 1982 година било извршено второто реновирање особено врз внатрешното уредување. „Основањето на Уметничката галерија беше одговор на потребата, ликовната сцена во Македонија да биде збогатена со стручна институција во смисла на афирмирање и презентирање на македонската современа ликовна уметност. Најнапред формираше галериска збирка, со голема акција на откуп, на чие чело – со поддршка и финансиска помош на тогашната републичка Влада, се најдоа и извонредните познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, еден од инаугураторите на македонската музеологија, како и ликовните творци – Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски и Борко Лазески. Беа вклучени голем број ликовни дела кои беа откупени од просторите на некогашната Југославија. Кон оваа збирка (икони, слики, скулптури, цртежи и графики) беа приклучени и збирките од тогашниот Народен музеј во Скопје односно галериското одделение кое беше всушност и никулец на Уметничката галерија. На овој начин беа одредени физиономијата и карактерот на Галеријата“, се вели во историјатот.

Прв в.д. директор на Галеријата бил академскиот сликар Борко Лазески, а по него истакнатиот ликовен уметник Никола Мартиноски. На свеченото отворање на Галеријата на 2 Август 1951 година, била изложена првата Поставка на дела од современата македонска уметност, дела од македонските зографи, првата генерација предвоени ликовни творци, икони од 14 до 20 век, копии на фрески и макети од македонски средновековни цркви. Збирката на Галерија постојано се збогатувала и денес брои над 1.600 дела. Во 2005 година Уметничката галерија е трансформирана во Национална галерија на Македонија.

Чифте амам / Фото: Наципнална галерија на Македонија

Во Даут-пашиниот амам е изложена Постојаната национална поставка која во последните години повремено се дислоцира (целосно или парцијално) за да се отворат важни повремени изложби. За повремени изложби се користат галериите во Чифте амам, Мултимедијалниот центар „Мала станица“. Под надлежност на Националната галерија веќе десет години е и Спомен-куќата на Лазар Личеноски. Објектот се реновира долго време и сè уште не е во функција.

Во октомври во 2007 година во Стариот амам во Тетово изграден во почетокот на 15 век, беше отворена Уметничката галерија во Тетово. Во земјава постојат повеќе уметнички галерии: во Куманово, Гевгелија, Штип, Битола…, но сите се придружни делови на други единици – музеи, домови на културата, центри на културата и слично. Уметничката галерија во Тетово беше отворена како посебна национална установа. Адаптацијата на Стариот амам во Уметничка галерија беше финансирана со 45.000 долари од фондот со кој располага американскиот амбасадор во земјава. Дотогаш Стариот амам беше користен како угостителски објект. Екипа од Националниот конзерваторски центар два години работеше на објектот. Беше поставено подно греење, мермерен под и дополнително осветлување во внатрешноста. Новата Уметничка галерија доби околу 350 квадратни метри изложбен простор. Галеријата во 2007 година ја отвори тогашниот премиер Никола Груевски, во присуство на тогашната американска амбасадорка Џилиен Миловановиќ, тогашниот министер за култура Арификмет Џемаили и многу други гости.

Стар амам / Фото: Уметничка галерија Тетово

Прв директор на Уметничката галерија во Тетово беше Менсур Демири, а првично беа вработени 11 лица – кустоси, правници, економисти, обезбедувачи на објектот изграден во 15 век, кој е прогласен за споменик на културата.

Последна галерија како посебна национална установа беше отворена во март 2023 година во Гостивар. Владата тогаш соопшти дека установата ќе врши музејска дејност „заради истражување, собирање, стручно и научно обработување, подготвување и презентирање на музејските материјали и афирмација на уметничкото творештво од полошкиот регион, во насока на промовирање на значењето на културното наследство од полошкиот крај.“

(ПРОДОЛЖУВА)

Сподели