Со изведбата на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, битолскиот Народниот театар одбележа 80 години. Во преполната сала, претставата и ансамблот беа поздравени со бурни и долги аплаузи. Пред премиерата беше презентирано историското катче на НТБ, изложбата на 100 плакати, постери, каталози на Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески, посветени на претставите во театарот. Публиката ја поздрави директорот, Васко Мавровски кој рече дека завршиле голема работа правејќи римејк на претстава која се одиграла пред 80 години.
– Се работи за интегралната верзија на текстот, онаа која се играла пред 80 години. Ги имаме истите проблеми, само што живееме во некое друго време. Наше е да ги повикуваме и освестуваме луѓето во однос на клучните прашања, зашто во театарот не постои партија, кај нас театарот е на прво место – рече тој.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече декасекогаш ќе го поддржуваат театарот зашто тој културен амбасадор во светот.
Јубилејот преку порака го честитаа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Пред почетокот на изведбата беа поделени плакети за придонес кон Битолскиот театар, на пензионираните театарски работници. Претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“ е составена од 3 дела во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска-Петрушева и Јован Ристовски.





