Скопската градска библиотека „Браќа Миладиновци“ завчера ја претстави дигиталната колекција „Анте Поповски“, дел од отворениот ресурс Дигитална библиотека на денот на својот 29 роденден. Дигиталната колекција посветена на Поповски е еден од клучните проекти на Библиотеката за оваа година, заедно со кампањата „Читаме современи македонски автори“, работилницата за креативно пишување за средношколци и проектот „Полска на полица“.
– Дигитализирањето на творештвото на Анте Поповски е наша силна заложба за негово доближување до сите истражувачи, студенти, средношколци и негово афирмирање. Тој е голем, Анте Поповски не е само голем поет, туку и мислител, општественик. Благодариме на довербата на неговото семејство, тие се пример како се чува оставината и татковината, затоа што делото на Анте за сите нас е токму тоа – татковина – истакна директорката на Библиотеката, Снежана Стојчевска.

Дигитализацијата е резултат на договорот за соработка со семејството и со Здружението „Антево перо“. Тие на библиотеката ѝ отстапија книжен и некнижен материјал, дигитализиран од д-р Атина Цветановска, која докторираше токму на творештвото на академикот и поет Поповски. Колекцијата беше дополнета со објекти за кои библиотеката доби дозвола за дигитализација, а процесот на заедничко работење се совпадна и со два големи јубилеја: 60 години од објавувањето на книгата „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“.
– Создавањето дигитални отпечатоци и ваквиот начин на документирање се придонес кон зачувување на македонската историја и можност за идна континуирана афирмација на македонскиот јазик и култура, како кај нас, така и во странство. Среќни сме што во Градската библиотека препознавме сериозен партнер и сојузник кој работи во насока на зачувување на трајните вредности – истакна синот на поетот, Жорж Поповски.
Пред многубојните студенти, средношколци, професори, научни истражувачи и библиотекари, за дигитализацијата говореа советниците-библиотекари Гордана Андреева и Андријана Апостоловска и Ивона Џамтоска-Јанкуловска, виш библиотекар.
– Одделот за дигитализација во Градската библиотека почна да работи во 2007 година со оскудна опрема, но преку постојано стручно усовршување го подобривме процесот и апелираме до надлежните институции за поголемо разбирање за нашите потреби и проблеми. Само така ќе можеме да држиме чекор со европските библиотечни трендови и на идните генерации да им оставиме поголеми можности за учење и истражување – истакна Андреева.

По презентацијата, студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ интерпретираа стихови од Анте Поповски достапни токму на дигиталната колекција.
Промовираната колекција е еден од клучните проекти на Библиотеката за оваа година, заедно со кампањата „Читаме современи македонски автори“, работилницата за креативно пишување за средношколци и проектот „Полска на полица“. Свеченоста беше заокружена со доделување пофалници за работа на пензионираните библиотекари и најава за големиот јубилеј 80 години постоење на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во 2025 година.





